Самохраните мајки можат!

Самохраните мајки се незгодни...

Оти, тие и самите можат да сменат сијалица, да отворат тегла со голи раце, да искречат соба... Тие можат да залепат тапети, да запалат печка на дрва, да пијат пиво, да направат „лаптоп“ од кутија бонбони, да се смеат како девојки, да плачат како крокодил, ама и да ја одзатнат канализацијата...

Самохраните мајки можат да те „убијат“ со збор. Самохраните мајки може да љубат до бес. Тие можат да удрат најсилни шлаканици. Тие имаат најтопла прегратка. Самохраните мајки можат да љубат тивко за да не ги разбудат децатa...

Самохраните мајки, разведените жени, се наивни како дете и ладнокрвни како легионер. Тие се расплакуваат од ништо и преврзуваат рани како воен лекар. Го планираат буџетот како сметководител и пишуваат стихови. Тие се најсигурните вработени, бидејќи работат за лебот на децата.

Самохраните мајки може да станат во четири часот наутро, да зготват леќа, да поработат, да го изнесат кучето, да ја нахранат мачката, да ги разбудат децата, да им дадат да појадуваат и потоа да продолжат да работат, да испазаруваат, да ги измијат садовите ...

Самохраните мајки можат да те издигнат на пиедестал од надеж и да те соборат оттаму со еден шут... Самохраните, разведените мајки можат да те пцујат на 100 начини, кога нема да им дадеш предност на нив и на нивните деца на пешачки премин. Тие може да се најмили суштества, кога ќе видат нешто повеќе во твоите очи или треба да им дадат добар пример на децата.

Самохраните мајки не очекуваат ништо и веруваат во сето тоа! Самохраните мајки имаат храброст да бидат разведени жени. Всушност, мајките едноставно, имаат храброст!

Самохраните мајки можат да се потпишат под сето ова...

Самохраните мајки...

Можат!

 

ЦИВИЛ – Центар за слобода ја покрена новата проектна активност Една може! (Një mundet! / One can!) во чиј состав е Групата за поддршка на самохраните родители.

Најголем дел од самохраните родители се мајки, кои покрај егзистенцијалните проблеми, често се и жртви на семејно насилство, на односот на семејството и на средината кон нив, но и на мобинг на работното место и на индолентноста на институциите на локално и на државно ниво.

Објавувањето на селектираните и редактирани исповеди на самохраните мајки, кои токму од горенаведените причини сите побараа да им се заштити идентитетот, е само првиот чекор на ЦИВИЛ – Центар за слобода, за соочување на јавноста со секојдневните проблеми на самохраните мајки.