Шарената револуција повикува на протест пред нејзината тврдина СЈО

Шарената револуција за утре, 10 јуни, со почеток во 18 часот, повика на масовен протест пред, како што велат, нивната тврдина - Специјалното јавно обвинителство, како потсетување до властите дека одбројувањето е започнато, а нивните барања бескомпромисни.

Тие ги повикаа граѓанките и граѓаните повторно на улица и на протести, за го потсетат Уставниот суд  да се произнесе за уставноста на СЈО, да се ослободат сите приведени демонстранти и да бидат повлечени сите пријави од МВР кон нив.

"Време е за нов крик, време е да ги потсетиме дека до 18 јуни Уставниот суд мора да се произнесе за уставноста на СЈО за да сме сигурни дека правдата ќе биде заштитена.Повторно ќе бидеме на улица, повторно ќе протестираме! Да им кажеме дека одбројуваме до 18 јуни. Да им кажеме дека мора да бидат ослободени сите приведени демонстранти и да бидат повлечени сите пријави од МВР кон нашите соборки и соборци", се вели во повикот објавен на официјалната Фејсбук страница на Шарената револуција.

13382100_10209946507005542_1955936393_n

Покрај овие барања за кои одбројувањето е до 18 јуни, тие во својот повик потсетија и за останатите барања:

Оставка од актуелната влада на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ и формирање на преодна влада која докрај ќе ги спроведе итните реформски приоритети од извештајот на Прибе и ќе создаде услови за фер избори; формирање на специјално одделение во кривичниот суд, надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО, задолжително вклучување и присуство на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата, процесот на решавање на кризата да се одвива на територија на Република Македонија и оставка на Ѓорѓе Иванов од функцијата Претседател на Република Македонија.

Оваа вест е достапна и на: Albanian