Ни дождот не ги сопре илјадниците незадоволници попладнево и вечерва, да го искажат својот протест на скопските улици, на релација Специјално јавно обвинителство – Собрание - Министерство за надворешни работи. И под илјадниците чадори, одекнуваше познатиот слоган „Нема правда, нема мир!“, но извиците „Оставка!“, се почесто беа заменувани со хорскo скандирање „Робија!“, што е знак дека и трпението на демонстрантите за повторно враќање на правната држава и за судско казнување на криминалците, полека истекува...
[youtube width="600" height="344"]https://www.youtube.com/watch?v=t22IOxdmmDg[/youtube]
Со аплаузи и овации беше дочекана веста дека се ослободени двајцата членови на Левица, професорот Здравко Савески и Владимир Куновски, кои беа приведени поради наводно учество во толпа на 13 април, кога беше демолирана Народната канцеларија на Иванов, но подоцна беше соопштено дека на обајцата им се одземени пасошите и дека се задржани во куќен притвор.
Меѓу демонстрантите со голем транспарент, денеска беа и членови и поддржувачи на Сојузот на борците, во чија колона на протестот дојде и лидерот на опозицијата Зоран Заев.
[youtube width="600" height="344"]https://www.youtube.com/watch?v=sKEf2da2XMs[/youtube]
Пензионираниот професор Иван Бабановски, пред Собранието побара од своите некогашни студенти, денес вработени во МВР, да застанат на страната на правдата. „Ги повикувам моите поранешни студенти да не ги штитат, туку да ги затворат криминалците“, истакна Бабановски.
Листа на барања на демонстрантите е непроменета: итна и неотповиклива оставка на Ѓорге Иванов, изјаснување на Уставниот суд за уставноста на СЈО и повлекување на одлуката за аболиција на сите против кои се води истрага и против кои е покренато обвинение од Специјалното јавно обвинителство, формирање специјално одделение на Кривичниот суд надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО, итно повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни, задолжително вклучување и присуство на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата и формирање на преодна влада која докрај ќе ги примени реформските приоритети од „Извештајот на Прибе“.