Шарената револуција ги повикува граѓаните во понеделник во 17:00 часот пред Собранието на Република Македонија, за да му дадат јавна поддршка на Специјалното Јавно обвинителство. Во соопштението на нивната Фејсбук страница истакнуваат дека СЈО повторно е под каконада на режимските глсноговорници.
„Во Собранието и во медиумите под контрола на обвинетиот Груевски, можеме да забележиме вистински линч и пропаганда против Катица Јанева и целото СЈО. Истовремено, власта со која сé уште управува обвинетиот Груевски, ја користи секоја прилика за да ја блокира работата на оваа институција. Судиите од 'тефтерот на Горде' продолжуваат да ги одбиваат барањата за притвор, го укинаа единственото кое беше прифатено и го вратија едниот обвинителен предлог кој СЈО го поднесе до Кривичното одделение, поради причина која не им е проблем кога постапуваат по предметите на Зврлевски“, стои во повикот.
Од Шарената револуција наведуваат дека Уставниот суд сé уште нема закажано седница на која ќе се разгледува Иницијативата за уставноста на СЈО и дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ одбиваат секаква поддршка за СЈО.
„Одбиваат да ги донесат потребните законски измени за заштита на сведоци и свиркачи, одбиваат да го продолжат рокот за работење на СЈО, а собраниската говорница ја користат исклучиво за дискредитација на Катица Јанева и на институцијата која ја претставува. Владата зад која сé уште стои обвинетиот Груевски, продолжува да остава на високи функции луѓе кои се под истрага за сериозни кривични дела од страна на СЈО“, пишува во повикот.
Шарените револуционери потенцираат дека на СЈО повторно му е потребна нивната помош и дека нема да дозволат режимот да помисли дека оваа институција барем за момент е без силната, здружена и решителна поддршка на граѓаните! Tие велат дека сé додека нема правда, нема да има мир!