„МТВ не смее да е телевизија на ВМРО-ДПМНЕ, ниту на која било друга партија“, е пораката што ја упати заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска
„На Македонија и треба и поинаква политичка култура. Македонија не се политичките партии, ниту една, ниту четири, туку нејзините граѓани. И за нив, партиската држава во што се претвори Република Македонија е лоша држава. Затоа, сметаме дека дел од промените во Македонија се токму промените во овој дел. Промените коишто сметаме дека треба да и се случат, ги започнуваме и ги започнавме и од себе“, изјави Шекеринска која упати повик за вклучување на професионалци во ад-хок телото кое треба да врши контрола врз работата на медиумите.
„СДСМ јавно упатува повик до сите поединци – професионалци, професионални новинарски здруженија, граѓански организации, сами да се кандидираат или да кандидираат други професионалци од оваа област за членови во ад-хок телото коешто ќе врши контрола мониторинг на однесувањето на медиумите во целиот предизборен период. Истиот повик го упатуваме и за делот на кандидати за главен и одговорен уредник на Македонската телевизија. Граѓаните имаат право да ја слушнат вистината, а не само партиски платени лаги“, рече Шекеринска.
Уште еднаш Шекеринска ја истакна потребата од фер и демократски избори, кои е невозможно да се спроведат доколку медиумите не известуваат објективно и професионално.
Во тој контекст, ЦИВИЛ - Центар за слобода, во бројните извештаи и соопштенија кои се дел и од публикацијата „Слободни избори- услов за кој не се преговара“, постојано ја посочува(ше) потребата од реформи во медиумската сфера, и по последниот меѓупартиски договор, изрази скепса дека реформите може да се спроведат во краток временски период.
„По ослободувањето на јавниот сервис МРТВ и по неминовното, опортунистичко-јагмаџиско конвертитство на сопствениците на досега строго контролираните национални медиуми – 'спонзори' на владејачките партии, паралелно со денфувањето на притисоците врз неколкуте преостанати продемократски медиуми, со сè пошироката бафер-зона на освестените и охрабрени граѓан(к)и, широчината на дефиницијата 'кредибилни', можеби, ќе опфати какви-такви избори. Но, по деценија организирано и во детали планирано масовно труење на јавноста за вистински демократски избори, на Македонија ќе ѝ биде неопходен долг период на демократска детоксикација“, напиша уредникот на ЦИВИЛ Медиа, напиша Синиша Станковиќ во својата анализа.