ЦИВИЛ – Центар за слобода, продолжува со своите активности во рамки на проектот „Слободни избори за слободни граѓан(к)и“. Регионалната работна група од Штип, денеска одржа средба на која присуствуваа локалните претставници на политичките партии, претставници на локалните граѓански здруженија и најголем дел од локалните електронските медиуми.
На средбата се дискутираше за актуелната политичка криза и за тоа дали се создаваат услови за слободни избори во Република Македонија. Истакнат беше проблемот со медиумите на локално ниво, каде се пресликува ситуацијата со затвореноста на медиумите од национално ниво, за притисоците и политичката дискриминација. Апатичноста на младите во Штип и отсуството на волја за активизам е проблем за кој сите присутни беа едногласни. Дел од учесниците сметаат дека причина за тоа е концентрацијата на сите случувања во Скопје, и според нив, проблемот може да се реши само со суштинска децентрализација. Тоа би значело прераспределба на моќта, средствата и проектите, а на тој начин би се спречило и иселувањето на младите од малите градови. Заклучок од оваа работна средба е дека судска разрешница на постапките на Специјалната јавна обвинителка е неопходна, што би влијаело на ослободување од стравот кај најголем дел од граѓаните во Македонија. Со штипјани разговараме и за претстојниот јавен настан „Сите за слободни избори“ на 16 јануари, за кој ЦИВИЛ подготви видео-содржини и печатен материјал.
Регионалната работна група е ад-хок тело во кое се поканети да учествуваат претставници на сите политички партии, граѓански организации, медиуми и заинтересирани граѓани. Работната група е формирана во рамките на проектот: “Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани”, поддржан од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
Оваа вест е достапна и на: English