„Што изгубив за слободата“: Притисоци, деградации и казни за активистите

„Не бегајте од Македонија, оваа држава не може до бескрај да се распаѓа, заедно можеме и мораме нешто да направиме!“ Ова е пораката која беше испратена од дебатата „Што изгубив за слободата“. На тема колку е тешко во Македонија да си слободен и гласно да го кажеш својот став, и што сé можеш да изгубиш поради тоа, зборуваа Јасмина Дуриќ и Елена Николовска,  две слободоумни граѓански активистки, кои поради учество на протести биле деградирани на работното место и Трпе Дејаноски, генерален секретар на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ).

Како што посочи модераторката Светлана Силјановска, настанот не е научна дебата на која учествуваат експерти, туку луѓе кои врз своја кожа осетиле што сè во Македонија, може да се изгуби за слободата.

DSCN9403

Јасмина Дуриќ

„По веста за аболицијата, не можев да бидам рамнодушна и бев во првите редови на протестите. Како ‘награда’, по една недела од појавувањето на првиот протест, од работното место во АРМ во Скопје, бев прераспределена во касарната во Кичево. Секој ден, до работа и назад, патувам четири саати. Мислев дека тука завршува сè, но ја потценив власта и членството на владејачката партија. Притисоците секојдневно продолжуваат и од моите надредени, но и од колегите, кои не смеат со мене да се поздрават, затоа што сè се снима“, истакна Дуриќ, зборувајќи за проблемите со кои се соочува и за отсуството на солидарност и поддршка од колегите, кои стравувајќи за своето работно место, повеќе и не разговараат со неа.

„Моето работно место сега е во кујна, таму сум прераспределена и од таа позиција очигледно сум успеала да го нарушам угледот на Армијата, затоа што добив дисциплинска со тоа објаснување, а ми го блокираа и службениот телефон што го користев три години“, дополнува Дуриќ.

DSCN9413

Елена Николовска

„Десет години работев во Секторот за меѓународна соработка во Министерството за труд и социјална политика и бев задоволна од мојата позиција... Но, се случија бомбите, се случи 5-ти мај. Бев дел од протестите, активно критикував на мојот приватен Фејсбук-профил, надвор од работно време. Веднаш по првиот мандат на министерката Фросина Ташевска Ременски, бев прераспределена на друго работно место во Управата за борци и воени инвалиди, измислено место, каде што воопшто, нема потреба од мене“, објаснува Николовска, која без никакво објаснување добила решение за прераспределба.

„Не е најголем проблем што луѓето се плашат, и јас се исплашив дека може да биде полошо и затоа не поднесов жалба, и тука згрешив. Но, поголем проблем од тоа е што нема каде да се пожалиме, сите институции се партизирани. Во МТСП, а сигурна сум и во другите јавни институции, работат луѓе кои своето работно место го должат исклучиво на политичкиот ангажман и на партијата на власт. Тие луѓе одлучуваат за животот на сите нас, со нарачани закони кои се конзервативни и мафијашки“, вели Николовска која ја потенцираше партизираноста на јавната администрација.

DSCN9402

„Вработените имаат повеќе алатки на располагање и институции каде можат да се жалат. Синдикатот во нивната институција, УПОЗ, Народниот правобранител, адвокати... Сепак, проблемот е што секоја повреда на работен однос - завршува на суд“, вели Дејаноски, кој го сподели своето искуство дека дека повозрасните вработени се похрабри од младите,  а потенцираше и дека додека бил активен штрајкот на УПОЗ, огромни биле притисоците со кои се соочувале штрајкувачите.

По дебатата „Што изгубив за слободата“, ќе следат уште два настана, од кои едниот е посветен на граѓанските активисти кои поради својот ангажман биле приведени, уапсени или биле во домашен притвор, а на последниот од серијата настани ќе учествуваат културни работници, кои не добиле средства, улога, простор за изразување..., само поради укажување на проблемите во општеството.

Марија Теговска