Пред дваесетина дена, најлични мои, Младичот со кристалната топка најави дека нашиот мил „прецедник Хорхе“ се спрема за промовирање на нов филм! По легендарниот "Епизода 1 - Аболиција против СЈО", со оглед на успехот на тој блокбастер - кој ни одзема уште неколку месеци од нашите животи и ја радикализираше состојбата во Македонија, изнесувајќи стотици илјади граѓани на улиците, очекувано беше да се појави и продолжувањето, "Епизода 2 - Живот дам, мандат не дам, ван-дам, тидам-тидам".
Кастингот секако беше спремен во кујните на МВРО. Во улога на продуценти се појавува успешниот продуцентски тандем во (п)ликото и делот на Пастирот и големиот братучед, а Хорхе сигурно бил радосен што му дале пак да се меша во својата работа и да глуми претседател.
Главната идеја и намена на овој филм, е очигледна. На меѓуетничкиот циркус, којшто го гледавме во кампањата - а кој требаше (а богами и прилично успеа) да го замагли криминалот на векот, да ја закочи можноста за продолжување на мандатот на СЈО и воопшто за ефикасно дејствување на ова обвинителство - му беше потребан помош од уште еден, дополнителен циркус. Мандатарски.
И, филмот почна. Вистинска гротеска и пародија. Да пукнеш од смеење. Секако, ако не живееш во Македонија.
Прво, Хорхе му даде мандат на неговиот шеф Груевски без обезбедено мнозинство и го прекрши Уставот и членот 90, кој вели дека мандатот му се доверува на оној што обезбедил мнозинство. Груевски, како што видовме, не успеа.
Сега, со наводното враќање кон член 90 од највисокиот правен акт во државата, повторно го крши Уставот, бидејќи со барањето за доказ за мнозинство во Парламентот како услов за мандатот, ги става останатите можни мандатари во нееднаква положба во однос на Груевски, од кого не се бараше доказ.
Трето излегување вон Уставите надлежности е барањето на Иванов можниот кандидат за мандатар да му доставел програма за да можел да процени усогласеност со националните интереси. Што и да му значи тоа, тој нема право да го прави тоа, бидејќи единственото место каде што се разгледува програмата на потенцијалната Влада е Собранието на Република Македонија.
Консултациите со шефови на неколку од парламентарните партии (не со сите), кое Хорхе го заврши (и веројатно рекапитулираше заедно) со Груевски по што и се обрати на јавноста, ги соголуваат дополнително нечесните намери на главниот глумец и неговите шефови – продуценти.
Рекапитуларот, односно обидот за замачкување го слушнавме вчера во кусата, но содржајна ламентација на Хорхе. Почнувајќи од неговата слобода да го толкува Уставот (бре, бре!), преку „перењето“ за давањето мандат на Груевски со претходната пракса и "враќањето" кон член 90, па сè до „патосот“ со спомнувањето на заклетвата, Уставот и интересот на граѓаните, кои досега ги погази десетици пати. Смешка до смешка. Но, токму тоа е улогата на Хорхе, и од тој ракурс, не можеме а да не речеме дека не ја игра маестрално, успевајќи повторно целата држава да ја вовлече во состојба да се обидува да го рационализира лудото и нерационалното.
Кога сме кај вчерашното обраќање во живо на ТВ на Хорхе околу мандатот, Младичот би сакал да ви обрне внимание уште на две други битни работи!
Прво, дали ни се стори, или јавниот сервис МТВ не го пренесе обраќањето во живо на претседателот ?!? Башка, ниту Сител ниту Канал 5 не го сторија тоа, што е индикативно, нели? Не е тоа само уште еден показател за очајот со медиумските слободи, тоа е показател дека во таборот на Пастирот, вклучувајќи ја пропагандната машинерија, колата е тргната низбрдо. Има разногласие, или, врие во МВРО, што би се рекло.
Тоа е поврзано со втората работа: Изјавата на Хорхе ги стави во "офсајд" мегафоните (меѓу кои и големи научници демек) на власта, кои велеа дека Хорхе мора пак да му го даде мандатот на МВРО. Хорхе рече дека бара доказ за 61. Тоа не е исто!
Туку да го оставиме малку Хорхе, бидејќи неговата улога и онака ќе заврши наскоро, а богами и неславно. Што е она, што не очекува во иднина?
За жал, не очекуваат уште циркуси и неизвесности.
А би можело се да заврши лесно, доколку партиите на Албанците и СДСМ создадат влада која ќе ја врати земјата на нормален колосек, и ќе ја подготви за сериозни реформи, од секој аспект, вклучувајќи го и оној што ги интересира многу сите граѓани, не само Албанците, меѓуетничкиот. Но, малку сигнали има дека такво нешто е многу веројатно или возможно.
Далеку е повеќе возможно ДУИ и некои од партиите на Албанците да се обидат да го „потрошат“ и СДСМ (како што демек го потрошија Груевски кој им прифати сè) за да се оди на предвремени избори, каде што би си ги повратиле гласовите на Албанците кои отидоа на контото на оваа партија.
Од друга страна, и во СДСМ не гледам посериозна, поконкретна и проактивна иницијатива во овој аспект. Напротив, гледаме далеку повеќе внимателност и дефанзива, која започна уште со нападите на власта од типот „федерализација“ и „двојазичност“ за време на кампањата, отколку некакви конкретни предлози и наметнување на агенда која, ќе ги спречи растечките и хроничните поделби. Многу „мудро молчење“ – не е на арно.
Значи, повторно на хоризонтот – избори! Но, кој ќе ги организира? Доколку не се постигне договор меѓу СДСМ и партиите на Албанците, Младичот искрено се надева дека ќе се постигне барем договор за влада која ќе ги организира тие идни избори, а во која не би требало да има место за продуцентите, началниците и криминалците од МВРО! Тоа е минимумот под кој не смее да се оди, барем за нас, граѓаните. Оти, секое друго решение би било – живот, ама во филм и циркус.