Што прави Државната изборна комисија по изборите?

ЦИВИЛ – Центар за слобода во континуитет ја мониторира работата на Државната изборна комисија и по завршувањето на изборите, наспроти фактот што оваа институција во ниедна прилика не одговори на нашите бројни пораки, барања, извештаи и повици.

Според Изборниот законик, обврската на ДИК беше, во дадените рокови, да излезе во јавноста со Извештајот за спроведените предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Македонија одржани на 11 декември 2016 и со Финансиските извештаи за приходи и расходи на политичките партии во период од 21 ноември до 11 декември 2016. Досега се објавени конечни финансиски извештаи само на четири политички партии (коалиции).

Обврската на ДИК за ажурирање на Избирачкиот список сè уште трае. Досега, на веб страницата на ДИК е објавен Збирен месечен извештај за спроведени промени во Избирачкиот список само за јануари 2017.

За потсетување, на 9 декември 2016, по прес-конференцијата пред седиштето на Државната изборна комисија, ЦИВИЛ се обиде на претставник на оваа институција да достави документирани случаи на 104 „исчезнати“ лица од Избирачкиот список, кои беа само дел од над 1.000 граѓанки и граѓани кои се јавија во нашето седиште со поплаки дека се избришани. На големо и непријатно изненадување, во ДИК немаше практично никој кој можеше да го прими материјалот што тимот на ЦИВИЛ го подготви, во обид да им помогне барем на стотина граѓанки и граѓани да го остварат своето право на глас. Во ДИК, едноставно, немаше никој, на само 24 часа пред денот на гласање!

Ј.Д. од општина Центар во неколку наврати се обрати на ЦИВИЛ за совет поврзан со нејзиниот статус во Избирачкиот список. Откако не се нашла на Избирачкиот список побарала објаснување од Државната изборна комисија. Во текот на само еден телефонски разговор со одделението за избирачки листи во ДИК добила најмалку пет различни одговори.

Најпрво ѝ било кажано дека можеби сега ја нема бидејќи имаат технички проблем, но на денот на гласањето, сигурно ќе ја има на список. Кога инсистирала да го види своето име на списокот пред денот на изборите, ѝ рекле дека тоа не е возможно бидејќи, според нивните податоци, нејзината лична карта е со изминат рок. Личната карта на Ј.Д. има рок на важност до 2020 година!

Потоа ѝ било кажано дека била на спорниот список и дека требало да се пријави во законскиот рок предвиден за пријавување на лица кои фигурираат како фантомски гласачи. Кога објаснила дека на нејзината адреса нема фантомски гласачи, добила одговор да се обрати во МВР и да ги пријави останатите жители, бидејќи биле многу на број.

Со други зборови, во ДИК ѝ советувале да го пријави сопственото семејство како фантомско!

На крајот, заклучокот кој го донел ДИК е дека Избирачкиот список е затворен и дека во никој случај нејзиното име нема да се најде на истиот, односно, на изборите на 11 декември таа нема да го оствари нејзиното уставно гарантирано право на глас, иако до сега 20 години гласала на истата адреса без проблем. Кога прашала дали, доколку поднесе претставка до ДИК, ќе успее да направи нешто, ѝ одговориле дека тоа е нејзино граѓанско право, но дека ваквата претставка нема да влијае на нивната одлука да биде избришана од Избирачкиот список.

Ј.Д. ја контактиравме повторно охрабрувајќи ја да не се откажува од остварување на своето гласачко право. Нејзиниот одговор беше следен:

„Ви благодарам за Вашиот напор за коригирање на 'веќе направената штета'. Правото за гласање во декември не го остварив, а што се однесува на моето право за 'дополнително' пријавување немав веќе теоретски шанси: набрзо потоа се иселив од нашата сакана држава.

Со желби за позитивен исход на оваа Ваша, а со тоа и моја битка, срдечно Ве поздравувам и Ви посакувам успех!“

Дополнително, Ј.Д. ни одговори дека, за секој случај, се појавила на денот на гласање и дополнително утврдила дека ја нема на Избирачкиот список. Разочарана и револтирана, нема намера да се враќа во Македонија.

Во очекување на февруарскиот збирен извештај за спроведени промени во Избирачкиот список, се надеваме дека и овој пат граѓанките и граѓаните ќе имаат увид кои гласачи се избришани, а кои се внесени во Избирачкиот список. Ова особено е важно, со оглед на штурите информации кои доаѓаат од ДИК.

Во моментов, Избирачкиот список е недостапен за увид на граѓанките и граѓаните.

Биљана Јордановска

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish