Продолжува штрајкот на УПОЗ

Судската админиsтрација која веќе два месеца штрајкува, се соочува со нов притисок, со цел да го прекине штрајкот. Според новото известување од Судскиот буџетски совет, дури 40 проценти од платата на секој кој штрајкува ќе биде намалена. ЦИВИЛ Медиа разговараше со Пецо Грујовски, претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани- УПОЗ.

peco

„Уште еден, или веќе трет, обид да го скршат духот на штрајкувачите, да ги принудат да се откажат од штрајкот. По седница на Судскиот буџетски совет, која се одржа на 29-ти јуни, испратија писмо до претседателите на судовите, со кои ги задолжуваат секому што штрајкува,  да му биде доделено поединечно решение, со кое ќе биде намалена неговата плата за 40 проценти, согласно законот, и на тоа ние немавме никакви забелешки. Меѓутоа, на тоа поединечно решение, секој вработен има право на жалба. Откако ќе стане правосилно, можат да го реализираат намалувањето, дотогаш не можат да направат ништо. Но, веднаш на 4-ти јули, по нечиј налог од Министерството за правда, некој моќник, ние знаеме кој е, и ќе го објавиме деновиве со име и презиме, му дава наредба на Судскиот совет: Не може да ги толерирате, има да ги казните! И, доаѓа ново писмо до претседателите на судовите, со кое и покрај пресметката на плата, која веќе беше готова за месец јуни - со целосна плата, а намалувањето да биде од наредниот месец, сега ги враќаат. Не ја исплаќаат платата за јуни никому, оти сите се врзани. И, на сите кои учествуваат во штрајкот да им се намали платата - со наредба до благајна. Значи, плата не може да се намали со наредба. Противзаконски е, и ние ќе ја известиме Трудовата инспекција за тоа. Не знаат што прават, изгубен случај се,  им наредија и тие заборавија на закони, на се заборавија", објаснува Грујовски.

На прашањето како ова ќе влијае врз понатамошните активности на судската администрација, Грујовски потврдува дека штрајкот секако ќе продолжи.

„Продолжуваме со штрајкот,  направивме напори поради одмори да прекинеме со штрајк, но ова ги иритира луѓето и велат дека нема да одат на одмор, продолжуваат со штрајк. Само долеваат масло на огнот, не преговараат за да го решат проблемот, да дојдеме до решение, а ништо посебно не бараме само закон бараме. Пари не бараме, ама тоа не им одговара, само сакаат да го скршат штрајкот".