„Овој парламент ќе ја штити и спроведува волјата на граѓаните на Македонија и никогаш повеќе, нема да се сврти против народните избраници и граѓаните. Ви гарантирам, ќе бидеме чувари на волјата на граѓаните, кои над 600 илјади, избраа слобода, живот и правда“, изјави Зоран Заев, лидерот на СДСМ, пред македонското Собрание, одбележувајќи го 24-ти декември 2012-та, („Црниот понеделник“), кога од законодавниот дом беа насилно исфрлени опозициските пратеници и новинарите.
„Демократските процеси во Македонија се почнати и никој не може да ги запре. Режимот е поразен. Затоа укажувам, сите партии мора да ја почитуваат волјата на граѓаните искажана на последните избори. Да им кажам на партиите кои имаат пратеници дека евентуалната коалиција со Груевски е коалиција со режим и диктатура. Груевски е лицето на конфликтот и најмногу поради тоа, неговото време во политиката е завршено“, рече Заев.
На 24 декември, пред четири години, на „Црниот понеделник“, во Македонија беше суспендирана демократијата. Специјалните полициски сили и собраниското обезбедување насилно ги исфрлија опозициските пратеници и новинарите на улица, во текот на жешката парламентарна дебата за буџетот. Со овој настан без преседан, земјата достигна уште една кулминација на политичката криза, која трае од 2008 година. Тензиите се прелеаја на улиците, по што уследија стотици протести на незадоволните граѓанки и граѓани, со кои се конфронтираа контра-протестите во организација на партиите на власт.
Пред четири години, неполни половина час по насилството во македонскиот парламент, ЦИВИЛ – Центар за слобода излезе со соопштение под наслов „Хаос и насилство во Македонија“, со кое најостро го осуди насилството врз граѓаните, нивните претставници и новинарите. ЦИВИЛ тогаш повика на разум и враќање на законитоста и почитување на човековите права и слободи во парламентот, на улиците на главниот град и во целата држава. ЦИВИЛ побара од владините претставници и парламентарното мнозинство, раководните структури на обезбедувањето и полицијата, како и насилниците од редовите на овие структури, веднаш да му се извинат на македонскиот народ и да поднесат одговорност за своите постапки.
И четири години подоцна нема разврска, ниту одговорност за насилството и уривањето на демократијата во Македонија.
Д. Муратов