СДСМ не ги прифаќа мандатите, Македонија сред правен вакуум

Извршниот одбор на СДСМ на вчерашната седница едногласно дал препорака за неприфаќање на пратеничките мандати на членовите на СДСМ, добиени на последните избори.

„Oдлуката да не се прифатат мандатите беше донесена едногласно. Извршниот одбор има ингеренција само да препорача, а официјалната одлука, која слободно можам да кажам дека веќе е позната, ќе биде донесена вечерва од страна на Централниот одбор“, изјави Петре Шилегов, портпарол на СДСМ.

Околу 170 претставки за нерегуларност на изборите СДСМ поднел до Државната комисија  за спречување на корупцијата и Јавното обвинителство.

„За дел од претставките воопшто не добивме одговор, а дел ни беа одбиени“, вели  Шилегов.

Државната изборна комисија и Управниот суд веќе отфрлија 20.000 претставки поднесени  од страна на опозицијата во кои беа изразени сериозни сомнежи за поткуп во изборниот  процес, семејно гласање, вршење притисок врз администрацијата и други неправилности.  Од тие причини, како што вели Шилегов, овој пат претставките се поднесени до институциите задолжени за борба против корупцијата бидејќи СДСМ не го призна изборниот процес и сметаше дека претставките до ДИК би немале ефект.

Државната изборна комисија до синоќа, согласно рокот, добила два приговора од ДУИ, четири од ГРОМ и шест од ДПА за постапката на гласање, а ако партиите не се задоволни од одговорот на ДИК, имаат право да поднесат жалба и до Управниот суд, кој треба да одговори за 48 часа.

За ваквата новонастаната ситуација има различни гледишта, за тоа што ќе се случува понатаму на политичката сцена, особено од правен аспект, со оглед на тоа што во законите има многу недоречености, а Македонија прв пат се соочува со ситуација на неприфаќање мандати на пратеници.

Професорот по уставно право Бајрам Положани вели дека неприфаќањето на мандатите од страна на СДСМ, од формално-правен аспект нема да значи ништо, но на теренот, тоа ќе биде еднопартиски систем, наместо парламентарна демократија.

„ДИК ги потврди изборите, а Уставот вели дека во рок од 20 дена треба да се конституира Собранието. Ако СДСМ не ги прифати мандатите, Собранието сепак ќе може да функционира бидејќи ќе има мнозинство. Собранието, доколку одлучи и има волја, може да одлучи да се оди на дополнителни избори. Тоа тешко може да се очекува, што значи дека и покрај неприфаќањето на мандатите од страна на СДСМ, ќе има можност да се состави Влада. Е сега сосема друго е прашањето колку сето тоа ќе има легитимитет, бидејќи во тој случај ќе имаме еднопартиски систем. За техничка влада пак, воопшто не станува збор, бидејќи и сега има услови за формирање Влада“, вели Положани.

Со неприфаќањето на мандатите, Собранието ќе функционира со  89 пратеници, наместо со 123, ситуација која и тоа како ќе влијае на политичката сцена. Две различни ситуации се доколку СДСМ не ги прифати мандатите и доколку ги врати истите. Првата ситуација е сосема непозната за македонскиот правен систем, а втората е многу јасна – се распишуваат дополнителни избори само за испразнетите пратенички места.

„Ако прецизно се толкува законот, ДИК ќе мора постојано да ги нуди мандатите, односно кога ќе дојде до крај на листата, пак треба да тргне од почеток. Законикот предвидува распишување дополнителни избори за испразнетите пратенички места, но ако се исцрпени основите за стекнување мандат, а тоа е во случај на оставка на пратеникот, казна затвор подолга од пет години, лишеност од деловна способност, но не е спомената ситуација во која не се верификува мандатот поради непризнавање на изборните резултати“, изјави професорката Рената Десковска за медиумите.

Според сето ова, и без пратениците, Собранието ќе може нормално да работи. Сепак, Уставот не познава ситуација на неприфаќање мандати. Откако ДИК ќе ги достави решенијата до пратениците и ако тие решат да не се појават на седница, мандатите ниту можат да бидат верификувани, ниту одбиени.

Со тоа, според експертите, се јавува правна празнина, која треба да се регулира или со Закон за Собранието или со Деловникот.

Мери Јордановска

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish