СДСМ: Повлекување на аболицијата и одложување на изборите

Повлекување на аболицијата и одложување на изборите - Зоран Заев ги испорача условите за учество на преговорите за надминување на политичката криза во Виена, кои се закажани за петок, 22 април.

На денешната прес конференција, Заев ги претстави двата основни услова за учество на преговорите и ги изнесе своите заложби за мирни протести. Тој потврди дека СДСМ ги поддржува продемократските протести, но дека организатори се #Протестирам и дека тоа се протести на сите граѓани на Македонија. Тој ја обвини власта дека го крши Договорот од Пржино и истакна дека токму СДСМ е партијата која ги исполни сите обврски преземени со Договорот.

Овие ставови на опозицијата се совпаѓаат со анализите и препораките на ЦИВИЛ кој, врз основа на извештаите од долгорочното набљудување кое трае од јануари 2015 година, подолго време укажува на фактот дека не се создаваат услови за одржување слободни и кредибилни избори, дека медиумите се под контрола на власта и дека државата е заробена од партиите на власт.

Во своето вчерашно соопштение, ЦИВИЛ побара преговори во интерес на граѓаните, а не за спас на дискредитирани политичари и осомничени за криминал! Во таа смисла, ЦИВИЛ побара вклучување на повеќе политички партии и на претставници на граѓанското општество, организации, движења и иницијативи, за подиректно претставување на интересите на граѓанките и граѓаните на Република Македонија.

 

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish