Синиша Станковиќ: Апсолутно самите сме си криви

Свое излагање на дискусијата на тема „Слобода на говор и медиуми во Македонија: Предизвици и решенија“ имаше и новинарот Синиша Станковиќ. Предизвиците со кои се соочуваат новинарите, односот меѓу власта и медиумите и можните решенија се дел од проблемите кои ги произнесе  во својот говор:

Многу е убаво што на оваа маса и во оваа просторија има активисти за човекови права и претставници на разни невладини организации, но во Македонија работата е превртена. Место новинарите да бидат тие кои ќе им дадат поддршка на активистите за човекови права и нивните активности, имаме обратен случај. Освен новинарите кои се тука да известуваат за настанот, во просторијата има пет/шест новинари, а темата е Слобода на говор и медиумите во Македонија. Апсолутно самите сме си криви. Живееме осум години во виртуелна реалност која ни ја создаваат разно разни медиумски подопашници, кои не се сите корумпирани, дел од нив се, а дел од нив се коркачи.

Власта е секогаш спремна. На нашиот синдикат еве ќе ни формираат нов. На една асоцијација формираат друга. Ако излеземе на протести, ќе ни направат контра протести и ќе не тепаат како децата што јадеа ќотек за црквата. Ако самите нешто не направиме, колку и да ни е минорно влијанието поради чадорот врз традиционалните електронски медиуми, печатените медиуми веќе изумреа, да се обидеме преку новите медиуми и социјалните мрежи на било кој начин да се создаде некаква мрежа за освестување, а за тоа ни е неопходно меѓусебно познавање. Поради етничките трла ние тоа го немаме. Пријатно освежување е што неколку колеги етнички Албанци се колумнисти во медиуми на македонски јазик. Кога би имало и од другата страна нешто слично исто така би било добро. Сè додека не се соочиме дека нè нема, како што нè нема, ќе бидеме гости на домаќини кои ни сакаат добро, но чаре од тоа јас не гледам. Претседателот на ЗНМ, Селмани, на последната вечер на солидарност за Кежаровски, рече на 24-ти е пресудата и ние треба да бидеме подготвени на реакција, каква и да е пресудата.

Синиша Станковиќ

Јас живеам во Македонија педесет години и нормално сум песимист. Јасно ми е која ќе биде пресудата, но ме интересира како македонските новинари ќе реагираат ако пресудата биде онаква каква што не треба. Ако можеа да ги исфрлат новинарите од Собранието, ако беа спремни да пуштат специјалци на протест кој беше со молчење, што ќе направат на протест на кој нема да се молчи? Впрочем на таков протест нема да можеме да се собереме педесет луѓе, но да се обидеме. Ако ни помогнат младите преку социјалните мрежи, невладините организации и активистите, можно е да се збодне оној дел од новинарите кој одамна е зафатен од невиден страв и еден ментален склоп на тотална беспомошност. Македонија, со Босна на времето, во поранешната држава ја нарекуваа темен вилает, затоа што во Словенија, Хрватска, делумно и во Белград се живееше еден живот, а кај нас сосема друг, уназаден. 25 години од суверена македонска држава, ние сме на дерече дека тоа тогаш било Sci-Fi за слободата на медиумите. Ама тоа не може да се чуе во виртуелната реалност во која живееме.

Ако го затворат Фокус, ако го затворат Кежаровски и ако сето тоа помине молчешкум како што веќе станува традиција во кутрава држава...убави се овие средби, ама ова е како пред смрт на болен да ни доаѓаат гостите од Европа и да ни даваат инфузија за да пркнеме ден/два до следната зараза. Во меѓувреме ќе пишуваме за жолтици, листерии и еболи, ќе пишуваме за сè што треба само да не пишуваме за Уставните промени... Постои Синдикат, постои ЗНМ. Двете организации се обидуваат да направат што можат, но со муабети и дискусии не ми се верува дека нешто ќе направиме.

Биљана Јордановска