Сите имаме право на мир!

Ова е време кога секојдневието е исполнето со вести за конфликти, екстремно насилство и војни. Мирот за милиони луѓе сѐ уште е само неостварлив сон.

На 21 Септември, Меѓународниот ден на мирот, ЦИВИЛ – Центар за слобода им се приклучува на сите мирољубиви луѓе ширум светот, во потрагата по барем еден ден, целосно исполнет со мир и слобода. Мирот е достижен само ако заеднички се избориме и ги надминеме сите меѓусебни недоразбирања, ги почитуваме човековите права и слободи и веруваме дека сите подеднакво заслужуваме да живееме во мир, слобода и достоинство.

Со Резолуција на Генералното собрание на ООН од 2001 година, 21 Септември е прогласен за Меѓународен ден на мирот. Резолуцијата ги обврзува сите држави-членки на ООН, редовно и секоја година, Денот на мирот да го одбележуваат со соодветни програми.

10698621_637847979667008_5685312914525789042_n

ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани во Македонија, своите членови и поддржувачи, активистите, волонтерите, граѓанските здруженија, но и политичките субјекти, на овој ден, искрено да посакаат и да делуваат за ширење на мирот, оставајќи ги зад себе омразите, предрасудите, насилството, не заборавајќи ги оние на кои им е потребна помош и разбирање во нивната борба за достоинствен живот.

Сиромаштијата, гладот, социјалната нееднаквост, деградацијата на животната средина, корупцијата, меѓуетничките конфликти, се предизвици со кои треба да се соочиме и да ги надминеме во постигнување на траен мир и просперитет за сите подеднакво.

10686731_638769652908174_5633909988367627027_n

За жал, ни денеска, на Меѓународниот ден на мирот, не забележавме дека ни власта, а ниту јавноста во Македонија не покажаа интерес за оваа тема. ЦИВИЛ изразува надеж дека незаинтересираноста на мирот наскоро ќе стане минато и дека Македонија повторно ќе стане земја во која мирот се негува и се промовира, како од институциите, така и од граѓанките и граѓаните.

Биљана Јордановска