СЕМ: Медиумите мора да пласираат вистина!

„Медиумите мора да дејствуваат на начин што ги разликува од обични преносители на информации и факти  и треба да ја применат и својата улога како смирувачи на тензиите во општеството, а особено во случаи кога се изнесуваат проценки за можна ескалација на случувањата“, соопшти Советот за етика во медиумите во Македонија, како професионално тело за саморегулација во медиумите.

Набљудувајќи го медиумското известување, по најновите превирања на политички план и реакциите на граѓаните, СЕМ повторно ги потсетува медиумите да не ја злоупотребуваат својата улога и да послужат како платформа за потпалување на ситуацијата и засилување на тензиите во општеството.

„Имајќи го предвид фундаменталното право на слобода на медумите, ги потсетуваме новинарите и уредниците дека медиумските извештаи мора да ја содржат вистината и да не иницираат полемики и дискусии со кои ќе се разгорат тензиите и ќе се влошат односите меѓу граѓаните... Медиумите треба да ги објаснат фактите, учесниците во случувањата, различните позиции и прашања, како и внимателно и аналитички да ги истражат настаните. Не е новинарски да се развиваат и градат дебати врз основа на лаги и невистини, со што граѓаните би се довеле во заблуда. Пренесувањето и давањето простор на шпекулации се изедначува со ширење невистини и пропагандизам, наспроти урамнотежено и професионално информирање. На јавноста треба да и се понуди вистинската слика и да се претстават објективните потреби и загриженост, а особено имајќи предвид дека граѓаните кои не биле дел од одредени случувања својата информираност ја потпираат токму на медиумите“, се вели во соопштението на СЕМ.

СЕМ апелира и да не се злоупотребуваат коментарите и анализите во медиумите, зашто според ова тело, „во битката за стекнување поголема публика, не смее да настрада професионалното новинарство и улогата на медиумите како активен и објективен набљудувач на случувањата, а недостигот на медиумски слободи не смее да се искористува како аргумент за погрешно однесување и пласирање невистини“.

Особено, СЕМ ја потенцира и осудува можната злоупотреба на Интернет порталите, „за пропаганда и повици за обединување на поединци и групи за радикално однесување и постапки кои го загрозуваат јавниот ред и мир во општеството“.

 

Оваа вест е достапна и на: Albanian