СЕММ: Медиумите не ги признаваат грешките!

До Советот за етика во медиумите, од основањето до денес, поднесени се 121 жалба, од кои за 98 е донесена одлука, а за останатите Советот се прогласил за ненадлежен, или спорот е решен со медијација. Најчесто жалби поднесуваат граѓан(к)ите, граѓанските организации, новинарите и политичарите.

13548823_1277308728963974_127055050_o

Неточно, нефер известување, без вклучување на втора страна,  неправењето разлика меѓу вест и коментар се најчеста основа за жалбите кои пристигнуваат. Следно на што се жалат различните субјекти до СЕММ, е говорот на омраза, кој најчесто е врз база на сексуална ориентација и политичка определба. Жалби се поднесуваат и поради навреда и клевета, како и за нарушување на приватноста, беше истакнато од Сефер Тахири, од Комисијата за жалби во СЕММ, на денешната прес-конференција.

Што се однесува до Повелбата за етичко известување, која во февруари оваа година ја потпишаа 92 медиума, според поднесените жалби ја прекршиле ТВ Сител, порталот Прес 24 и весникот „Вест“, со насловната: „Фатиме Фетаи промовира нов официјален јазик“ и „Тортура на албански“.

13579829_1277308738963973_688484275_o

 

"Саморегулацијата во медиумите е од големо значење за враќање на професионалното известување. На овој начин, грешките во известувањето можат да бидат казнети морално и етички, без да мора се да заврши на суд. Така ќе се придонесе кон враќање на слободата во медиумите", истакна Драган Антоновски, претседателот на УО на СЕММ, кој зборуваше колку е важна саморегулацијата, како начин да се избегне некој друг да ги регулира медиумите.

13555776_1277309425630571_980503136_o

"Малиот број на решени спорови и конфронтацијата со медиумите се показател дека медиумите не ги признаваат грешките", смета Марина Тунтева, извршна директорка на СЕММ.

Во следниот период, СЕММ продолжува да работи на промоција на својата работа. Во тој поглед, предвидена е соработка со студентите од факултетите за новинарство и комуникации, соработка со судовите, поврзување со земјите од регионот, како и телевизиски дебати, на кои ќе се зборува на оваа тема.

М. Теговска

Оваа вест е достапна и на: Albanian