“Скопје 2014”: Шест години кошмар!

Денеска, навршуваат 6 години од промоцијата на видео-материјалот со кој беше претставен новиот лик на македонската престолнина во 2014-та година. Проектот “Скопје 2014” беше најавен од министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, тогашниот градоначалник на општина Центар, Владимир Тодоровиќ и градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.

Првично, проектот оспоруван на естетски план, требаше да се состои од четирнаесеттина споменици, скулптури, објекти и нови фасади на зградите и да изнесува 80-тина милиони евра. Но, откако лудилото наречено “Скопје 2014” започна, предвидените бројки, во изминатите шест години, енормно се зголемија. Бројот на нови барокни градби се зголеми на повеќе од 130, а неконтролираното градење го чини буџетот на Македонија, повеќе од 600 милиони евра! А на безмилосното празнење на сé попразните џебови на граѓанките и граѓаните, како да му нема крај. Со недобројливите анекси на договори, кич – зданијата од карикатуралниот проект кој ја девастираше сликата на Скопје, годинава, и веројатно, и во 2017-тата, најверојатно ќе проголтаат уште некоја „стотка“ од милионите евра со кои актуелната власт ги оптовари следните генерации, кои ќе се раѓаат како должници...

[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=YBYtmAOt7RI[/youtube]

Обезбедувањето на простор потребен за изградба на сите зданија,  значеше и уништување на голем број на зелени површини и паркови во градот, задушување на секој слободен простор и целосно блокирање на централниот плоштад. „Скопје 2014“ ја надмина и временската рамка. Две години по зацртаниот рок за целосно менување на изгледот на градот, проектот сé уште се надополнува со нови згради , мостови, споменици, фонтани кои никнуват секојдневно, неретко без никаква најава.

Реализација на „Скопје 2014“ беше проследена со голем број дебати, со повеќе граѓански акции и протести. Граѓаните на Скопје беа гласни против реконструкцијата на Градскиот трговски центар и против уништувањето на паркот кај хотел “Бристол”, а медиумите се мајтапеа со „покривањето на машкоста“на Прометеј...

Најголемиот архитектонски зафат реализиран на овие простори во поновата историја, не остана незабележан и од меѓународната јавност. Но, најчесто, не како туристичка атракција која го полни буџетот на Македонија, како што најавуваше владејачката ВМРО-ДПМНЕ, туку како проект за потсмев. Странските медиуми, го споредуваа со “стрип од Астерикс и Обеликс”, како “град на историски кич”, “балкански Дизниленд”, “базиран на смеса од историско и естетски нехармонично вајарство”, го оценуваа како “неверојатно скап”, како “микс од Лас Вегас и Пјонгјанг”, како “полуд и од најлудите замисли на туркменистанскиот диктатор Нијазов”.

Шест години подоцна, проектот за кој никој рационален не можеше да претпостави дека ќе ги достигне овие димензии, продолжува да биде контроверзен, и од економски, но и од естетски аспект. „Скопје 2014“ и понатаму продолжува да биде наше дегутантно секојдневие, кошмар во кој живееме и кој изгледа дека нема да престане да ја шокира македонската и дел од светската јавност, сé додека и најмалиот слободен простор, или и најпожолтеното зеленило, не се исполни со нови градби. Со нови кулиси од некакво одамна минато време, кое никогаш не се ни случило во Македонија.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian