Скопје во ритамот на слободата

Караванот на слободата овие неколку дена ќе организира серија настани кои започнуваат од денес (среда, 28-ми септември), во 12:00 часот, со флеш - моб перформанс посветен на слободата во центарот на градот. Потоа, во 16:00 часот во паркот во Чаир, активистите на ЦИВИЛ ќе ја презентираат програмата за претстојните настани, ќе разговараат со граѓаните и ќе ги презентираат целите на Караванот, а настанот ќе вклучува и музички и поетски перформанси. 

Настаните ќе продолжат  во четврток, 29-ти септември, на платото пред Универзитетот на Југоисточна Европа во Скопје (поранешна стоковна куќа „Мост“) со почеток во 12:00 часот, пред ТЦ Бисер во населбата Аеродром, со почеток во 16:00 часот, како и во ТЦ Лептокарија во Карпош, од 19;00 часот.

Ден пред големиот концерт, на 30-ти септември (петок) од 12:00 до 21:00 часот, мултимедијален настан со повеќе уметнички содржини ќе се одржи и на платото пред Спомен - куќата на Мајка Тереза на улицата „Македонија“.

Од шест поголеми градови во Македонија ќе биде обезбеден бесплатен превоз за финалниот мултимедијален настан и концерт во Скопје, што ќе се одржи во сабота, на 1-ви октомври 2016, на скверот „Јадран“. Овој настан вклучува музички концерти, визуелна уметност, театарски и поетски перформанси и културни активности, кои опфаќаат различни општествени прашања.