Продолжуваат заплашувањата и притисоците врз новинарите. Утринава, околу 10 часот, на Јане Мамучевски, новинар од Берово и соработник на ЦИВИЛ – Центар за слобода, му била скршена шофершајбната на автомобилот.
Тој имал план да тргне на службен пат, но останал вџашен кога ја видел скршената шофершајбна, што според него е направено најверојатно со чекан. Мамучевски веднаш го пријавил случајот во Полициската станица во Берово.
„Ова е масло на локалните власти, кои вакви методи користат, за да ме заплашат како единствен новинар кој известува за реалната слика на Берово. Со овој напад сакаат да ја убијат слободата на информирање, бидејќи не можат да ме заплашат и уценат со ништо, и јас ова го разбирам како еден вид директна закана да престанам со критичноста кон локалните власти“, изјави Мамучевски за ЦИВИЛ Медиа.
Тој додаде и дека во овој период има и други индиректни закани од локалните власти, но тоа нема да го исплаши, туку само ќе му даде поголема мотивација за известување за сите видови неправилности, притисоци и закани со кои се соочуваат новинарите во овој предизборен период.