Слободата под притисок на власта

Цивил - Центар за Слобода се солидаризира со новинарите од неделниот весник Фокус, Јадранка Костова и Владо Апостолов и се придружува на повиците за нивна поддршка кои доаѓаат од целата земја и од светот.

Новинарите на Фокус треба да исплатат 9.000 евра во име на нематеријална штета за клевета и судски трошоцикоисе врз основа на пресудата на Апелациониот суд од спорот против директорот на УБК Сашо Мијалков кој, според пресудата, претрпел голема душевна болка.

Цивил смета дека пресудата е неправедна и е директно насочена против критичкото новинарство. Македонската демократија со ваква извршна и судска власт директно придонесува за загрозување на слободата на изразување.

Цивил ги повикува сите активисти за човекови права, новинари и целата јавност да им помогнат на новинарите за да го исплатат надоместот. Ве повикуваме во рамките на вашите можности да донирате на следната жиро-сметка:

ЗНМ Солидарен Фонд: 300000003296484

Комерцијална банка
Цел на дознака: Донација за новинарите на Фокус

(дополнително ќе ги соопштиме деталите за донаторите од странство)

Извештајот на Европската Комисија за напредокот на земјата за 2014 година нотира сериозни забелешки. Една од забелешките е дека Македонија видливо назадува во сферата на слободата на медиумите. Остри критики се упатуваат на сметка на политизирањето на судството и задушувањето на медиумите.

„Минатата година голема загриженост поттикна политизирањето на  државните институции и контролата на владата врз медиумите, вклучувајќи го и извештајот на ОБСЕ за изборите. Довербата во државните институции се намалува. Загрижува и селективната правда. Ситуацијата со слободата на медиумите се влошува...”, стои во Извештајот.

Исто така, во Извештајот се говори и за индиректната државна контрола врз медиумите преку владините реклами и фаворизирањето на провладините медиуми. “Јавниот сервис (МРТВ) не ја игра својата улога како провајдер на балансирани и информативни содржини, а неговата политичка пристрасност беше нотирана и од страна на ОБСЕ/ОДИХР за време на изборите во 2013 и 2014 година. Ова резултира со недостаток на вистинско независно информирање и недостаток на точни и објективни информации за јавноста од страна на водечките медиуми.”.

Во прилог на јакнење на јавната свест за големите проблеми во доменот на слободата на говорот и медиумите, Цивил и Фондација Фридрих Еберт организираат дискусија на тема „Слобода на говор и медиуми во Македонија: Предизвици и решенија“ во среда, 15 октомври, во ГЕМ Клуб (Скопје, Стара Чаршија), со почеток во 11:30 часот.

Специјален гостин на овој настан е г. Кристијан Мир, Извршен директор на Репортери без граници Германија, кој ќе ги презентира наодите и ставовите на оваа тема.

Арбана Ќерими