Проектот „Слободни избори за слободни граѓан(к)и“, поддржан од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија, започна на 1 јули 2015 година, а заврши вчера, со промоција на публикацијата „Слободни избори: Услови за кои не се преговара“ во издание на ЦИВИЛ – Центар за слобода.
Публикацијата е резултат на напорите на ЦИВИЛ да обезбеди долгорочен мониторинг и анализа на политичките и општествените процеси поврзани со изборите, особено со гласачкото право и со човековите права и слободи во целина. Извештаите, анализите и препораките во публикацијата произлегуваат од трудот и упорноста на проектниот тим на ЦИВИЛ во подигање на јавната свест, едукацијата и мобилизацијата и активното вклучување на граѓанките и граѓаните во обезбедување на слободни и демократски избори.
Проектот започна со различни форми на истражувања, со кои беа опфатени голем број граѓанки и граѓани, на повеќе теми и низ повеќе градови од државата, со цел – да се направи преглед на ставовите на граѓан(к)ите за политичките случувања во државата, за тоа кои се нивните приоритети.
Беа спроведени 5 фокус групи со вкупно 40 учесници, 6 семинари, од кои еден тренинг-семинар во Скопје, 5 видео анкети на теми: Дали треба да се одложат изборите закажани на 24 април?, Дали знаете кој е Емил Димитриев? Дали изборите ќе се одржат на 5 јуни?, До кога ќе протестирате? и Дали мислите дека младите се искористени од политичките партии?, 6 онлајн анкети со вкупно 4 .472 испитаника на теми: ДИК и избирачкиот список, Договорот од Пржино и изборите, Дали ги поддржувате протестите на Шарената револуција?. Дали и какви избори ќе има на 5 ти јуни?, Дали се создаваат услови за слободни избори во Македонија? и Дали се спроведуваат слободни избори во Македонија?.
Во текот на годината, во рамки на проектот беа спроведени и 25 јавни настани и над 60 инфо-штандови во 50 општини, од кои 19 на различни локации во Скопје. Преку овие активности, тимовите на ЦИВИЛ стапија во непосреден контакт со над 20.000 граѓанки и граѓани.
ЦИВИЛ спроведе фото-петиција за #СлободниИзбори, на која учествуваа 400 полнолетни граѓанки и граѓани на Република Македонија.
Во текот на имплементацијата на проектот, ЦИВИЛ доби над 100 извештаи од долгорочните набљудувачи, како и над 300 пораки и пријави од граѓанки и граѓани по електронска пошта или на социјалните мрежи, како и на онлајн формуларот за пријави на кршење на гласачкото право и други злоупотреби и нерегуларности преку веб-страницата Слободни избори (www.slobodniizbori.info ).
Благодарение на Редакцијата ЦИВИЛ Медиа, главната веб-страница на ЦИВИЛ (www.civil.org.mk ) е извонредно богат ресурс на која се објавени над 800 текстови во рубриката Избори, само во периодот 1 јули 2015 – 30 јуни 2016 година. Голем дел од тие содржини се директни сведоштва и документи за сериозните прекршувања кои ги регистрираше ЦИВИЛ. Следејќи го политичкиот процес и продлабочувањето на политичката криза, тимот на ЦИВИЛ Медиа направи и објави 70 видео-интервјуа и 150 видео-изјави на релевантни соговорници.
Дополнително, тимовите на ЦИВИЛ, беа мобилни и работеа на истражување на состојбите и случаите, а вршеа и проверка на фактите наведени во извештаите и пријавите, секојдневно известувајќи за случувањата на теренот и објавувајќи стории за бројните злоупотреби на моќта, дискриминација врз основа на политичка афилијација, структурно насилство, политичка корупција и низа други категории на кршење на човековите права и слободи во изборен контекст и пошироко.
Долгорочните набљудувачи на ЦИВИЛ известуваа за политички притисоци, уцени, закани и дискриминација, злоупотреба на институциите за партиски цели, политички притисоци и мобинг, злоупотреба на администрацијата и јавните ресурси, партиски вработувања, партиски вработувања во приватниот сектор, партиски притисоци врз граѓанскиот сектор, агитација, пропаганда и говор на омраза и за злоупотребата на деца и малолетници.
Илустративен пример се извештаите за повеќе од 30 поединечни случаи на политички мотивирани притисоци и други видови нарушувања во образовните установи во Битола, Охрид, Скопје, Гостивар, Велес, Кавадарци, Штип, Куманово, Свети Николе, Валандово, Струмица, Кичево, Охрид и Гевгелија, но уште поголема е бројката на поплаки, над 1.000, за политичка дискриминација.
Во март 2016, Државната изборна комисија објави дека Избирачкиот список е ставен на јавен увид на нивната веб-страница www.izbirackispisok.gov.mk и дека сите заинтересирани граѓанки и граѓани можат да проверат дали ги има на списокот на гласачи и доколку има неправилности да ги пријават. И покрај тоа што ЦИВИЛ и другите граѓански организации ја поздравија оваа одлука, ентузијазмот набргу спласна. Само во првите неколку часа на социјалните мрежи се појавија информации за голем број нерегуларности во Избирачкиот список.
Само во првите седум дена, до ЦИВИЛ беа адресирани над 300 пријави за недоследности и за фантомски гласачи!
За важноста информациите да бидат достапни до што е можно поголем број на граѓанки и граѓани, но и да се остане во постојана комуникација со нив, зборуваат бројките за видливоста и влијанието на ЦИВИЛ во едукација, креирање и подигање на јавната свест: 80.000 месечна читаност на www.civil.org.mk , 700.000 - годишна читаност и 5 милиони - опфат на фејсбук.
Публикацијата „Слободни избори: Услови за кои не се преговара“ е одраз на политичката сцена во Македонија, но и реална слика за потребните промени во политичкиот систем на владеење и за демократизација на државата.
Биљана Јордановска