Судскиот процес против 29 лица обвинети за настаните во кумановското „Диво Насеље“, започна денеска под силно полициско обезбедување и со барање на адвокатот на обвинетите, Насер Рауфи за негово одложување.
Според него, Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева треба да го преземе случајот. Но, судот ги отфрли барањата на адвокатите, со образложение дека Јанева досега не доставила барање за преземање на овој случај, ниту пак пројавила интерес за него. Адвокатите побараа и психијатриско вештачење за своите клиенти, на што судот одговори дека од ниту еден од затворите, во кои се притворени обвинитетите, не доставиле известување дека некој од нив се пожалил на здравствени проблеми. Тоа е спротивно на изјавата на Народниот правобранител Иџет Мемети, според кого, постојат материјални и вербални докази за малтретирање на приведените. Адвокатите на обвинетите реагираа и на тоа дека во Судскиот совет нема ниту еден етнички Албанец.
На обвинителната клупа седат автомеханичари, криминалисти, новинар, фотограф, багерист, студенти на Факултетот за физичка култура и еден вработен во МВР.
Јавниот обвинител, Наум Пановски пред судот рече дека Обвинителството ќе докаже дека лицата од криминално-терористичката група кога ги сториле делата биле пресметливи и дејствувале со умисла. Делото било извршено по долго подготвување, а Обвинителството доказите ги поделило во две групи. Во првиот класер се доказите кои покажуваат дека обвинетите ги сториле дејствијата од нападот во Гошинце, а во остнатите класери се доказите за случувањата од 9-ти и 10-ти мај во кумановската населба.
Сите осомничени, според Обвинителството кое го даде воведниот збор, функционирале во група составена на три нивоа. Првото ниво била командната структура, второто ниво била логистиката, а третото ниво ги опфаќало членовите кои учествувале во пукањето.
Според Обвинителството, во првото и третото ниво се луѓе од Косово и кои живеат во Косово, а во второто ниво се од Македонија.
Двајца од обвинетите, Сами Укшини и Генци Сефа, иако претходно во изјавите пред судот рекоа дека не се чувствуваат виновни, не негираа дека биле дел од настаните..
„За тие дела не се чувствувам виновен, но не дека не се чувствувам виновен за тоа што сум бил на тоа место“, рече Укшини.
Сефа, пак, изјави дека не негира оти е припадник на организирана група, но не се чувствува виновен за кривичните дела. Неговиот адвокат притоа појасни дека не негира дека бил дел од настаните. Сите останати обвинети се изјаснија дека се чувствуваат невини.
Според адвокатот Рауфи, обвиението се заснова на вербални докази, додека пак, постои поврзаност помеѓу политичките случувања, и инцидентот во Куманово.
“Додека пак, за решителните факти, ние сметаме дека има едена генеза, значи една поврзаност на настаните и ’Диво насеље’ - со бомбите, т.н бомби, прислушуваните разговори. Јас и обвинетите сме убедени дека со овие настани, сакаше да се дефокусира јавноста од прислушуваните разговори.”, изјави Рауфи.
На денешното прво судско рочиште, воведни зборови дадоа двајца адвокати за 18 од обвинетите, следното рочиште е закажано за во четврток, а наредните две расправи се закажани за во март.
Марија Теговска