Случај Куртишова: Грубо кршење на човековите права

Цивил - Центар за слобода најостро ја осудува одлуката на службеното лице од пасошката контрола на МВР на скопскиот аеродром „Александар Велики“ да не ѝ дозволи на граѓанката Емра Куртишова, актерка во Театар за деца и младинци - Скопје, да ја напушти Република Македонија поради наводна неисправност на документацијата и непоседување на доволно парични средства за времетраењето на престојот.

Според изјавата на Куртишова, таа поседува валидна патна исправа, готовински парични средства и копија од гарантното писмо испратено од нејзината сестра на кое се наоѓа и печат од градската управа. При излез од земјата граѓаните немаат потреба да приложуваат ништо повеќе од патен документ или друг документ пропишан за преминување на државната граница кој според член 15 став 1 од Законот за гранична контрола се користи за проверка и утврдување на нивниот идентитет. Дополнителна документација може да биде потребна при влез во државата, не при нејзиното напуштање.

Emra Kurtishova

Емра Куртишова

Повикувањето на МВР на член 15 став 4 од Законот за гранична контрола како оправдување за нивната одлука да го спречат слободното движење на граѓанката го оценуваме како неосновано бидејќи Куртишова не претставува закана за националната безбедност, јавната политика, меѓународните односи или закана по јавното здравје. Случајот со Емра Куртишова е само илустрација на грубата дискриминација и дискриминаторските политики која оваа власт систематски ги спроведува изминатите години врз граѓаните и граѓанките по основа на етничка, национална, религиска, сексуална и друга припадност, што претставува свесно ограничување, контролирање и кршење на човековите права и слободи на граѓаните.

Цивил ја поддржува и охрабрува Емра Куртишова во барањето на своите права и евентуално покренување постапка пред надлежните институции на системот со цел расветлување на случајот и исправање на нанесената неправда на граѓанката.

Петар Стојковиќ,
Лице за односи со јавноста на Цивил - Центар за слобода

Во прилог проследете го видеото од изјавата на Емра Куртишова дадена за РСЕ.