Со или без нови прозорци, децата се злоупотребени

Во демантот на Општина Прилеп испратен до цела низа медиуми (но, не и до ЦИВИЛ) не е одговорено на ниту едно од прашањата во текстот „Прилеп: Партиска пропаганда и манипулација со малолетници“

ЦИВИЛ објави текст од граѓански новинар за фото-колажот со фотографии од партиски настани на ВМРО-ДПМНЕ и портрети на градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, на пратениците Ане Лашкоска и Димитар Стевананџија и на координаторот на ВМРО-ДПМНЕ  во Прилеп и претседател на Советот на Општината, Никола Димески, поставен на зидот во холот на училиштето „Блаже Конески“ во Варош.

slika_varos_2Од Општина Прилеп наведуваат суми од над 4 милиони денари кои се инвестирани за седум години во малото училиште, но не одговараат на едноставното прашање:

Кој дозволил партизираност и во основните училишта, дрско наметнување на политички ставови и злоупотреба на малолетници во теснопартиски цели, насочено кон моделирање на потенцијални партиски војничиња?

Аргументацијата дека фотографиите на политичарите се „токму од тие настани на реализација на успешни проекти кои се од големо значење за жителите од оваа населба“, делумно ќе држеа вода, доколку беа поставени во локалниот партиски штаб на ВМРО-ДПМНЕ во Варош.

По огласувањето на Општина Прилеп, ЦИВИЛ и понаматму ги очекува одговорите од директорката на училиштето и од Државниот просветен инспекторат, за тоа кој ќе ја понесе одговорноста за скандалот.

ЦИВИЛ Медиа

Оваа вест е достапна и на: Albanian