Две нови истраги „Топлик“ и „Тендер“ најави денеска на прес конференција Специјалното Јавно обвинителство. Со извршените кривични дела во двете истраги и со злоупотреба на службена положба прекршен е Законот за јавни набавки и оштетен е Буџетот на Република Македонија за повеќе од два милиона евра.
Како што соопшти јавната обвинителка Фатиме Фетаи, случајот „Топлик“ се однесува на периодот од март 2007 година до февруари 2013 година, кога првоосомничениот, кој тогаш бил раководно лице во Министерството за транспорт и врски, заедно со пет членови на Комисија за јавни набавки ја злоупотребиле службената положба свесни за тоа, и донеле одлука за исплата на еден милион и 44 илјади евра за купување на земјиште за изградба на резиденцијална населба во Сопиште, Сончев град, со што го оштетиле државниот Буџет.
Истрагата „Тендер“ се однесува на кривично дело извршено од Министерството за култура и Комисијата за јавни набавки на министерството. Имено, како што соопшти Фетаи, тие договориле тендер за АД Бетон - Штип, каде условите и критериуите биле така поставени, за тендерот да го добие токму оваа компанија. АД Бетон – Штип, ги завршни градежни работи во Музејот на македонската револуционерна борба, за што потоа биле исплатени еден милион евра.
Во текот на денешниот ден, за лицата кои се дел од истрагите, СЈО ќе побара мерки за обезбедување на присуство. Детали за какви точно мерки ќе се побараат од Судот, од СЈО ќе информираат по поднесувањето на барањето.
Фетаи извести дека Специјалната Јавна обвинителка Катица Јанева не е во можност да присуствува на прес конференцијата, затоа што е во просториите на Управата за безбедност и контраразузнавање, каде се очекува конечно да биде спроведена судска наредба.
„Корупцијата и културата се различни концепти. Според досега наведеното, имало обид овие два концепта да се поистоветат, но СЈО е основано и се бори да им даде спротивен пат“, заврши Фетаи.
Марија Теговска
Камера: Моника Талеска
Оваа вест е достапна и на: Albanian