Специјалното Јавно обвинителство утре ќе објави нова истрага со работен наслов „Трезор“. СЈО така ја продолжува праксата на именување на судските истраги на буквата - Т, надоврзувајќи се на истрагите „ТНТ“, „Транспортер“, „Тортура“, „Тврдина“ и „Титаник“. Повеќе информации за истрагата ќе бидат обелоденети на прес-конференцијата што ќе се одржи утре во 10:00 часот.
Специјалната Јавна обвинителка Катица Јанева и покрај големиот број осуди, неодмерени напади, критики и навреди кои најчесто не се однесуваа на работата на СЈО, туку на нејзината личност, со отворањето на нова истрага, докажува дека сепак, не се повлекува и дека продолжува со својата работа.
На последната седница на Комисијата за политички систем, на која се презентираше шестмесечниот извештај на СЈО, Јанева беше категорична дека нема веќе да присуствува на овие комисии и дека ќе присуствува само на пленарни седници.
ЦИВИЛ – Центар за слобода продолжува да ја поддржува работата на СЈО и очекува дека и во наредниот период ќе продолжи со нови истраги што ќе помогнат во обелоденување на криминалот и во конечното враќање на владеењето на правото во државата.
М. Теговска