СЈО: Операција „Титаник“ за давење на криминалот!

Во својот прв обелоденет случај, Специјалното јавно обвинителство (СЈО) поднесе барање за мерка притвор за осум лица кои се осомничени за криминализација на изборниот процес за опстојување на власт, а истрагата е отворена за злосторничко здружување, повреда на избирачко право и на слобода на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување на избирачки материјали и злоупотреба на средства од изборна кампања.

Обвинителката Фатиме Фетаи соопшти дека осомничените во 2012 година, „во својство на министер за внатрешни работи, министер за транспорт и врски, секретар на Влада, и со помош на засега непознати лица за натамошно останување на власт на партијата на локално и државно ниво, направиле кривични дела за кои казните се три години затвор и повеќе“.

Според обвинителката Фетаи, МВР направило упад во Избирачкиот список,
а неговите струкурите работеле на негово составување за интереси на владејачката структура. Кривичните дела против изборите и гласањето и легитимитетот добиен со таквите избори, според СЈО, претставува почеток на криминализација на целокупниот институционален систем. За осум лица е побарана мерка притвор, а едно лице е веќе предадено на истражен судија.   Обвинителката Ленче Ристоска истакна дека овие мерки се потребни поради сомневање дека обвинетите ќе извршат притисок врз изворите на информации.

Меѓу другото, како дел од изборните кражби спаѓале и операции на МВР, кое издало 15.000 нови матични броеви, 35.000 нови лични карти и 60.000 нови македонски државјанства!

На изборите во 2013 година гласале лица и со возачки дозволи, дијаспората била злоупотребувана, а нотари подготвувале нелегални договори за живеалишта врз чија основа се набавувале лажни лични документи.

Оваа вест е достапна и на: English