СЈО: Седуммина осомничени за душевното страдање на Љубе Бошкоски

Специјалното Јавно обвинителство на денешната прес–конференција го најави отворањето на случајот „Тортура“, со кој се покренува истрага против седум лица, ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) и припадници на специјалната полициска единица „Алфи“, кои ден по изборите, на 6 јуни 2011 година, извршиле апсење со прекумерна присила, малтретирање, навредување и понижување на лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски.

Како што изјави специјалната јавна обвинителка, Фатиме Фетаи, се работи за случај на вршење тортура од сите инволвирани, освен оштетениот, и тоа пред очите на јавноста, при апсење на политички противник на партијата која е на власт.

[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=gzydMY7b56o[/youtube]

„Однапред длабоко се извинувам заради фактот што во мојата презентација изворно ќе ги чуете зборовите кои биле користени за време на лишувањето од слобода, се работи за вулгарности. Сметавме дека тоа е единствениот начин на јавноста да се изнесе поривот и мотивот од кои биле следени полициските службеници во акцијата, да го задоволат нарачателот... Првоосомничениот, како службено лице, директор на Управата за безбедност и контразузнавање, поради дискриминација по основ на поинаква политичка определба, ги навел останатите осомничени, полициски службеници во единицата ‘Алфи’ при лишување од слобода, на оштетениот Љубе Бошкоски, кај истиот да предизвикаат душевно страдање“, изјави Фетаи.

Во нејзиното излагање за случајот „Тортура“ ги изнесе сите вулгарни изрази употребени при апсењето на Бошковски, наведувајќи дека освен душевно страдање, му било повредено човечкото достоинство и личност и бил дискриминиран по политичка основа.

Против сите осомничени лица, кои се во работен однос во Министерството за внатрешни работи, до Основниот суд Скопје 1 ќе биде доставен предлог за определување мерка за претпазливост - забрана за преземање на активности кои се поврзани со кривичното дело.

[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=8cwcFfIoejw[/youtube]

Во воведното обраќање, специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, рече дека од Централниот регистар е земена целокупната документација, дека е воспоставена надлежност над предметот „Шпион“ и дека СЈО ќе поднесе барање за заштита на законитоста до Врховниот суд на Република Македонија против решението  на Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција на Основниот суд Скопје 1,  за незаконското лишување од слобода на осомничениот Едмунд Темелко и дека ќе се воспостави надлежност над предметот „Маџар Телеком“, предметот против Зоран Верушевски.

Како што истакна Јанева, сите овие предмети се во надлежност на СЈО за незаконско следење на комуникации.

Биљана Јордановска

Оваа вест е достапна и на: Albanian