Со сендвич и крвнички повик, се „чува победата“!

Мирис на омраза. Вкус на платен сендвич. Студ, посилен од неколкуте степени во минус. Зурли и тапани. Оро со крвнички закани за братот и сестрата. Развеани знамиња, симбол на црнила и крв. Ноќ полна немир. „Ножеви и сабји го касапат“ македонското ткиво. Земјата плаче, исправена пред прагот на лудилото. Спроти 16-ти декември 2016!

press-foto

Пишува: Моника Талеска

Свират куршуми од време - навреме, го сечат небото, морници по телото. Ороводецот е невидлив, но безбеден. Зларадост му ја полни душата. Телефонот во рака, пред телевизор, го следи секој чекор. Фрчат пораки, насоки... Кој, каде треба да биде распореден. Кој повеќе зло и отров да исфрли од себе! Колку повеќе омраза, толку подобра позиција! Само тој, да биде сигурен. Да куртули од казната, од занданата, за злоделото!

Тие на орото, нека играат. Зурлите нека тропотат, посилно, појако... Нека се сее злото! Нека се множат тие на орото ... Освен сендвич, и капка вода ќе им донесат. И така, не се битни. Дал' ќе се овде или ќе заминат...?! Битно е само, тврдината негова да ја дочуваат, ако треба и со своите тела.

Омраза наместо страв. Одмаздата му блеска од лицето. Денеска стигна порано. Со моќен тупот зачекори кон судот. Знае. Нема да биде осуден! Ги познава добро. Го сакаат вкусот на парите, моќта ... Им ги држи конците во раце. И овој пат, марионетките ќе играат судство во негов ритам, како изминативе 10 години!

А, орото се игра, сендвичите се готват, скарата крчка... Тие на орото се множат...

Земјата страда, вришти, од болни рани... Од канцерот што фати корен во секое село, во секој град... Но, гласот не ѝ се слуша. Врисокот исчезнува во лавиринтите на криминалот, во корумпираното судство, во паралелната полиција, во раскараните Македонци, во подвоените Албанци...

Никој не гледа, дека и Исус и Мухамед, се молат за спас на оваа земја. Го молат Бог, Севишниот креатор на овој свет, да го зачува мирот над малата земја, таму на Балканот. Молат да најде лек за лудилото. Да го исече канцерот и стави мелем врз раните. Да ги благослови со љубов душите на невините луѓе, опиени со напитоците на злото... Да ја донесе слободата и радоста, почитта и љубовта, како години пред тоа, пред да дојде Тој, сеачот на злото!