Каква е состојбата на човековите права во Македонија? Какви сé облици на дискриминација и кршење на човековите права и слободи го обременуваат животот на македонските граѓан(к)и? Знаат ли институциите што се случува? Знае ли народот што треба да направи?
Одговор на овие прашања ќе се обидеме да дадеме на собирот на граѓан(к)ите на 7 март, во паркот „Жена борец“ со почеток во 12 часот. Ќе ги поканиме политичарите, организациите на граѓанското општество и граѓан(к)ите на двочасовен собир на кој микрофонот ќе биде отворен. Ќе го презентираме и Извештајот за дискриминација и кршење на човековите права и слободи во Македонија кој го подготвија Цивил – Центар за слобода и четирите Работни групи за човекови права во Скопје, Велес, Битола и Тетово. Ќе ги прикажеме и спотовите и џингловите за јакнење на јавната свест за човековите права, толеранцијата и солидарноста кои досега ниедна радио или ТВ станица не ги емитувала, но секако се надеваме дека тоа некој и ќе го стори.
Неправдите траат додека ги трпиш. Првиот чекор е да проговориш и да ги сослушаш другите. Солидаризирај се!
Погледнете и слушнете:
Оваа вест е достапна и на: Albanian