Собирот Социјална (не)правда во Македонија ќе се одржи денеска, на Сквер Јадран, со почеток во 19:30 часот. Собирот го организира Иницијативата Социјална правда сега! предводена од организациите ЦИВИЛ – Центар за слобода и МППС, поддржани од Фондацијата Фридрих Еберт.
Во пресрет на Меѓународниот ден на трудот, по Штип, Кавадарци, Велес и други градови, ве повикуваме заедно да го кренеме гласот, овојпат во Скопје.
Зошто и како се апсат синдикалните лидери во Македонија?
Со какви притисоци и понижувања се соочуваат работниците?
До кое дереџе се доведени луѓето за да го истуркаат денот денеска?
Не можете да го видите тоа дома, кога ќе вклучите телевизор. Таму се рекламите за здрава храна, за среќните работници, земјоделци, студенти, мајки...
Реалноста е на друго место. Ве повикуваме заедно да гледаме вести на улица и да го изразиме своето мислење за неправдите, да ја споделиме реалноста која сите нѐ мачи.
Дојдете да ги слушнеме потресните сведоштва за неправдите, гласот на луѓето кои се осмелија да проговорат. На собирот ќе говорат синдикални лидери и активисти за човекови права.
Собирот ќе го отвори Марија Грубор со стихови од големиот поет Кочо Рацин. Џабир Дерала низ стихови ќе го постави тревожното прашање „Кој ќе ја плати сметката?“. Музички настапи ќе имаат Петрит Сарачини (Амон Мра) и Ана Христова.
Да! Дојдете да видите и слушнете вести, музика, стихови и говори од активисти, синдикалци и уметници. Вечерва, Сквер Јадран, 19:30.