На прес-конференција во ЕУ Инфо центарот во Скопје, Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) ја претстави пред јавноста иницијативата за потпишување Повелба за етичко известување на медиумите за време на изборите.
„Оваа иницијатива произлегува од потребата за заедничко мобилизирање и искористување на моќта на медиумите во стремежите за постигнување независност во новинарството. Ниту една влада и политичка партија не треба да одлучуваат во име на медиумите, кога станува збор за објективноста“, истакна директорката на СЕММ, Марина Тунева.
Текстот на Повелбата се базира на универзалните принципи на професијата, кои важат во секакви околности, па и за известувањето за време на изборите. Во документот се опфатени принципите на вистинитост и објективност, избалансираност, чесност и неутралност, професионална солидарност, уредувачка независност и професионален интегритет, почит и толерантност, принципите на слобода и одговорност, како и принципот на јасна дистинкција меѓу информациите и коментарите.
Освен тоа, како што посочи претседателот на Комисијата за жалби при СЕММ, Мирче Адамчевски, Повелбата се заснова и на досегашната практика и на големиот број поплаки за непрофесионалност и нетичко работење во медиумите.
Советот за етика ги повика медиумите да се приклучат кон оваа Повелба, и најави дека настанот за официјално потпишување од медиумите, ќе се организира на 12 февруари.
Оваа вест е достапна и на: Albanian