СОЦИЈАЛНА ПРАВДА СЕГА! ВО ВЕЛЕС И КАВАДАРЦИ

ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈА: 20 април 2015 (понеделник), Клуб на новинари, 12 часот

Иницијативата СОЦИЈАЛНА ПРАВДА СЕГА! ќе одржи прес конференција утре (понеделник, 20 април) во Клуб на новинарите со почеток во 12 часот. На прес конференцијата ќе се претстави планот на Иницијативата за организирање настани во Велес и Кавадарци веќе во текот на идната недела, како и во други градови, за што ќе стане збор на некоја од нашите наредни средби со медиумите.

„Социјалната положба и работничките права во Република Македонија се на неприфатливо ниско ниво. Секојдневно, македонските граѓанки и граѓани се соочуваат со еден единствен предизвик – да преживеат. Дел од работодавачите во земјава на работниците им исплаќаат мизерни надоместоци за тешкиот труд, а притоа не обезбедуваат ни минимални услови за работа и ги третираат под нивото на човечкото достоинството. Оваа состојба ја установивме со истражувањето во Штип и ја претставивме пред јавноста на 20 февруари, Светскиот ден на социјалната правда.“ – изјави Џабир Дерала од ЦИВИЛ, организација членка на Иницијативата.

Имајќи ја предвид тешката состојба на медиумските слободи во земјата, Иницијативата СОЦИЈАЛНА ПРАВДА СЕГА! ја користи методолошката алатка Street Media на редакцијата ЦИВИЛ Медиа, која подразбира продукција и видео проекции на информативни содржини на плоштадите низ Македонија преку кои јавноста може непосредно да се запознае со социјалните состојби во своите средини. На овие настани, присутните можат да учествуваат со прашања и коментари, на кои им одговараат претставници на граѓанското општество и експерти кои ги поканува нашата Иницијатива.

По Штип, истражувањето на Редакција ЦИВИЛ Медиа продолжи во Велес, Кавадарци и други градови. Во меѓувреме, се набљудуваа и анализираа состојбите и во сферата на синдикалното организирање, односно работата на синдикатите за што веќе се испратија неколку соопштенија, а за дополнителните сознанија и ставови во доменот на синдикалното организирање ќе се говори на утрешната прес конференција.

Повеќе детали за плановите и содржините предвидени за настаните до крајот на април, ќе дознаете на прес конференцијата утре. Во меѓувреме, можете да се запознаете со содржината на овие активности на следните линкови: Фејсбук страната на Иницијативата, веб страната на ЦИВИЛ и YouTube каналот на ЦИВИЛ.

Утрешната прес конференција е отворена и за сите заинтересирани граѓанки и граѓани.

Header

За иницијативата:

СОЦИЈАЛНА ПРАВДА СЕГА! е иницијатива на организации на граѓанското општество засегнати со растечките проблеми во сферата на социјалната правда во Република Македонија. Неа ја сочинуваат ЦИВИЛ – Центар за слобода и Македонска платформа против сиромаштија (МППС). Иницијативата е поддржана од Фондација Фридрих Еберт.

Активностите на иницијативата се состојат во јакнење на јавната свест и застапување на работничките права, синдикализмот, подобрување на легислативата за нивна заштита и нејзина доследна имплементација.  Иницијативата СОЦИЈАЛНА ПРАВДА СЕГА! се залага и за заштитата на другите социјални и општествени категории како што се хонорарците, младите, стечајните работници, социјално загрозените и низа други социјални групи во општеството кои секојдневно се соочуваат со грубо кршење на нивните социјални права и со дискриминација од институциите на централно и локално ниво и работодавачите.

Иницијативата е отворена за организации, граѓански групи и поединци кои се залагаат за социјална правда.