Не знам. Не можам ни со сигурост да кажам дека сум/сме ја преживеала/ле 2016-та... Кога преживуваш нешто, би требало да станеш помудар. 2017-та ќе покаже дали сме ја преживеале 2016-та. Кога ќе станеме свесни дека секое „не се замарам со политика”, води кон десетгодишно расипништво на една фамилија, ќе кажам дека сме преживеале и дека сме пораснале.
Кога ќе почнеме да не забораваме, ќе можам да кажам дека сме научиле. Кога ќе сфатат сите дека одење на протест е остварување на сопствените права, ќе можам да кажам дека сме преживеале.
Многу работи ме кршеа оваа година, ама ете, некако најважно беше да се стане и да се продолжи. Пораснав, тоа е сигурно. 100 пати се разочарав. Видов како луѓе - борци за права, им ги оспоруваат правата на оние кои се, всушност, рамни на нив. Но, ете, тоа помина... Неколку пати ја видов и желбата да се стане маченик... И тоа го проголтав. За на крај, да се изнаслушам глупави шеги за ситнењето на отпорот.
ЕБР, Чавков и пријателите, ни беа најмалиот проблем оваа година, за жал. Неколку пати се покажа дека апсењата и пендрeците не го растураа Отпорот. Напротив, по секое следно апсење, ние станувавме побројни. Опасноста од распаѓање, за жал, најчесто доаѓаше од луѓе за кои сум мислела дека ми се соборци. Од луѓе кои си дозволија да кажуваат кој смее,а кој не смее да протестира. Среќа, и тоа беше препознаено. Со задоцнување, се разбира, ама тоа тука е нормално. Кој од кога протестира, стана поважно од борбата... Помина и тоа. Останавме ние. Еден куп потенцијални Тамари и Мартини, од кои 450.000 поддржуваат мафија.
Ете, затоа не смееме да запреме.
Едно е сигурно. Сите пораснавме, заедно. Само да внимаваме да не нé фатат на спиење. Ништо не е завршено, а и никогаш нема да заврши. Не велам дека нема да одат во затвор, туку дека на сите следни кои ќе дојдат, треба да им дишеме во врат. За секој случај.
Во ова матно време, како што обично бива, театарот оствари неколку мали слатки победи. Можеби тоа е само мое чувство, но е волшебно. Успеавме да се избориме за „Заспаниот разум“ и за „Нашиот клас“, а таа борба ја роди претставата „Да го поздравиш и да ми го бациш”.
Веројатно така ми помина 2016, во борба за слобода, на секое поле.
Ни останува секојдневно да се потсетуваме колку изгубивме, за да не го изгубиме и ова малку што ни остана. Низ годините изгубивме и луѓе, пријатели, соборци, но и луѓе кои не сум ги ни познавала, а нивната несреќа ја чувствувам како моја.
И за крај да се потсетиме, другари: Нема да им помине!
(Авторката е актерка и активистка)