Полицијата не им дозволува да влезат во зградата на претставниците на четирите гранкови синдикати кои од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) ги „избрка“, според нив, нелегитимниот претседател Живко Митревски. Стотина синдикалци од утринава протестираат пред ССМ, против одлуките на според нив, разрешениот претседател Митревски, кого го чуваат припадници на ЕБР.
В.д претседателот на ССМ, Дарко Димовски е зачуден зошто полицајците и специјалците не им дозволуваат да влезат во зградата во која се нивните работни простории.
„Полицијата е внатре, а ние сме надвор. Кого штитат? Му порачувам на Живко Митревски дека овој монтиран процес веќе заврши. Ако има некаков документ дека не е разрешен, нека го покаже, јас имам решение дека сум избран за претседател на ССМ. Ние сме тука и нема да се откажеме од нашите права“, изјави Димовски.
Состојбите во Сојузот на синдикати на Македонија почнаа да ескалираат откако претседателот Живко Митревски беше разрешен од должноста, со гласање на претставниците на гранковите синдикати - членки на ССМ. Потоа, Централниот регистер одбиваше да го впише новото раководство на чело со в.д. претседателот Дарко Димовски и покрај решението кое во тоа време го издаде Министерството за труд и социјала под раководоство на Фросина Ташевска Ременски. Но, во четвртокот, новиот министер од ДУИ го поништи решението, а ноќта кон Бадник, во пет наутро, приватно обезбедување изнајмено од Митревски влезе насилно во просториите на Синдикатот, ги избрка синдикалците кои со денови седеа во холот во зградата, а тројца заедно со Димовски завршија и во болница.
Иако новиот министер за труд и социјала го поништи решението за смена на Митревски, според четирите гранкови синдикати, кој ќе биде претседател на ССМ, не одредува Министерството, туку Советот на ССМ, и единствен легитимен претседател е Дарко Димовски:
„Ги повикуваме членовите на синдикатите, работниците и граѓаните кои се подготвени да ни дадат поддршка, да дојдат пред зградата на ССМ и да му кажат збогум на Митревски, да му покажат дека местото му е надвор од ССМ и дека власта нема да може уште долго да го држи на апарати и вештачки да го одржува во живот“, стои во соопштението на синдикалците со кое се повикуваат нивните поддржувачи напротест пред зградата на Работничкиот дом.
Текст и фото: Дехран Муратов