Згрозени сме од скандалозната одлука на обвинителството и кумановскиот суд за преквалификација на делото од „убиство” во „сериозен престап против безбедноста на луѓето и сообраќајната сопственост“. Ова е апсурдно и понижувачко ниво на резонирање и постапување на еден правосуден систем кој очигледно длабоко забраздил во крајно неприфатливи практики.
Кумановскиот суд вчера уште еднаш докажа дека правдата во Македонија е селективна и пристрасна. Срамното и скандалозно сценарио во случајот на малиот Алмир е уште една потврда за тоа.
ЦИВИЛ бара итно преиспитување на целиот процес на судењето. Исто така, бараме одвојување на случајот за убиството на Алмир од случајот за физичката пресметка меѓу сите учесници кои мора да бидат санкционирани!
Уште посрамно од одлуката на кумановскиот суд е однесувањето на обвинетиот Бобан Илиќ и неговиот брат во и надвор од судницата. Ваквото непочитување на судот, семејството на Алмир, но и на јавноста само уште повеќе ќе придонесе кон разочарување, револт и крајна недоверба во институциите на правдата и државата воопшто.
ЦИВИЛ најостро го осудува вчерашниот напад врз новинарот на ТВ 21 и заканите кон него. Прашањето „Дали сакаш одма да се вратам во затвор?“ не може да се разбере никако поинаку, освен како закана по живот на новинарот и истата мора најстрого да се осуди и санкционира.
Од Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство бараме итна реакција и постапување по овие закани.
Оваа вест е достапна и на: Albanian