Сребреница, 20 години потоа

Дехран Муратов

Имав само 7-8 години и паметам дека татко ми требаше да оди некаде, но јас премногу инсистирав да ме земе и мене. Го прашав каде ќе одиме, ми кажа дека ќе одиме кај еден чичко што дошол од една далечна земја. Беше месец Рамазан, а во тој период пред 20 години немавме џамија, а ниту јас знаев што е намаз (клањање), бев клинец... Татко ми всушност одеше да се моли заедно со бегалците од Босна. За прв пат тогаш добив книга од еден чичко. Книгата всушност беше Илмихал (исламска книга за почетници кои ги учат основните работи за исламот, т.е. водич како да се клањаш, како да бидеш хуман, како да постапуваш со родителите, соседите и слично).  Таа книга ја добив пред 20 години, но ден-денес има посебно место на мојата полица. Тогаш за прв пат се запознав со друг јазик, кој дотогаш не го слушнав. Не знаев да читам, па го терав татко ми да ми чита и преведе што пишува.

Чичкото живееше во камп за бегалци во Катланово, неколку километри од мојот дом, но, тој скоро секој ден пешки доаѓаше кај нас. Беше сам, немаше никој, ни жена, ни деца. Знам дека мајка ми често ме караше затоа што го прашував сенешто, а чичкото ништо не ми одговараше, туку само ќе заплачеше. Не знаев зашто плаче и зашто мајка ми стално ме кара кога ќе го прашам нешто. Но, денес знам зошто чичкото имаше толку тажен поглед и секогаш кога ќе ме погледнеше и погалеше по коса му се насолзуваа очите. Денес знам зошто моите родители толку го почитуваа и го сакаа чичкото и зошто плачеа кога тој си замина од кампот. После 20 години добив можност да одам во Сребреница, местото каде што живееше чичкото. Постојано го спомнувам како чичко, не му го знам ниту името, никогаш не ги прашав моите родители како се викал. На некој начин и не сакам да знам, затоа што за мене секогаш ќе остане добриот чичко.

Оваа година се навршуваат 20 години од геноцидот во кој беа убиени над осум илјади босански муслимани во Сребреница.

Околу педесетмина броеше групата од Скопје, која на 10 јули, веднаш после ифтар, тргна на пат за Сребреница. Патувањето го организираше невладината организација ,,ДИВАН“, а групата ја сочинуваа претежно млади лица. Додека патувавме, атмосферата во автобусот наликуваше како средношколска ескурзија, но, не ми пречеше галамата во автобусот, туку размислував што ако го видам повторно добриот чичко? Што ако сѐ е уште жив? Дали ќе можам да го препознаам после 20 години?

Некаде пред српско - босанската граница возачот на автобусот не беше сигурен дали вози на вистинскиот правец за Сребреница. Шоферот застана и праша еден човек, а тој беше толку „добар“ што ни кажа дека возиме во погрешен правец и дека мора да се вратиме назад. Така и направивме, се вративме назад, но додека се враќавме видовме неколку полни автобуси како возат во истиот правец од кој ние се враќавме. Тоа беше доволно јано дека ,,чичкото четник“, како што го нарекоа во автобусот, нѐ вратил намерно колку да не стигнеме во Сребреница. Но, за среќа заскитавме само неколку километри.

После 10 часа возење стасавме на српско-босанската граница, каде што нѐ задржаа повеќе од еден час. Откако ја поминавме српската граница следуваше еден огромен железен мост, а на крајот на мостот беше стационирана босанската граница. Целата „весела“ атмосфера запре кога ја поминавме границата. Се чини запре времето, никој ништо не зборуваше. Сите молчеа, штама. Веќе бевме свесни каде и за што одиме.

Никој не зборуваше додека не стасавме во Сребреница, малото босанско гратче каде што е извршен најголемиот геноцид по Втората светска војна. Долгата колона возила на патот што водеше до местото на геноцидот беше бавна. При самиот влез во селото има детско игралиште, кое ми влеа надеж дека, сепак, има живот и во Сребреница. Но, игралиштето беше полно со трева и грмушки. Последен пат на тоа игралиште си играле деца пред 20 години, кои се или убиени или отселени оттаму. Веднаш ми текна на добриот чичко, си замислив колку би било убаво да го видам сега како седи на клупа и ги гледа внуците како си играат и се смеат. Но, тоа беше само пуста желба, реалната слика беше поинаква, ни чичкото го видов, ниту слушнав детско смеење. Слушав само тишина.

Како навлегувавме во селото се гледаа неколку запалени куќи, а куршумите оставиле белези на куќите. Најголемиот дел од луѓето имаа очила за сонце, беа облечени, дотерани, но сепак, не можеа да ги сокријат солзите и болката што ја носат во душата.

На главната улица се наоѓа фудбалско игралиште ФК ,,Губер“, но, наместо фудбалери и публика, на теренот имаше неколку војници и два огромни борбени хелихоптери поставени на двете половини од фудбалското игралиште. Колку ли фудбалери би биле познати како босанскиот фудбалер Един Џеко, ако денес тоа фудбалско игралиште служеше за спортување, а не за платформа за воени хеликоптери.

Конечно, по 12 часа во автобус, стасавме во Поточари. Да не знаев дека одам на комеморација ќе помислев дека сум на некој фестивал. Кафулињата беа полни со луѓе. Дел од младите мислиш како да дошле на корзо, а не на гробишта. Можеби мене ми беше чудна сликата и атмосферата затоа што прв пат бев во Сребреница, па затоа ме обзеде некоја жал.

Само што се симнавме од автобусот, поранешниот претседател на САД Бил Клинтон го започна својот говор. Тој рече дека ја сака Босна и дека жали што се случи таков масакр над невини жртви. Клинтон и останатите претседатели и дипломати од многу држави упатија иста порака: НИКОГАШ ДА НЕ СЕ ПОВТОРИ ВАКВО ЗЛОСТОРСТВО!

Некаде пред 13 часот додека се подготвувавме за клањање (задолжително миење на раце, лице и нозе пред секое молење на муслиманите) се слушаше како еден изговара - „Текбир“, а останатите извикуваа ,,Аллаху екбер“. Од праксата што ја добив додека ги следев протестите за случајот ,,Монструм“,  сфатив дека ќе има некакви инциденти. После само 2-3 минути извикување на ,,Аллаху екбер“ почнаа неколку девојки, жени и деца да бегаат назад, а толпата се движеше кон местото каде што беа сместени државните преставници. Тогаш се случи инцидентот со српскиот премиер Александар Вучиќ во кој учествуваа претежно млади лица, да не речам деца. Но, тоа беше доволно за да се разгори гневот помеѓу присутните и сите да тргнат на напад врз Вучиќ. Но, за среќа инцидентот заврши со мали повреди.

Подоцна, забележав како некои македонски ,,новинари“ беа гласот кој велеше дека нападот врз Вучиќ го извршиле муџахедини, ИСИС/Л, ИД, Ал Каеда и не знам уште кој не. Се чудам, од каде ги знаат тие информации кога не ни биле на лице место за да кажат како било и што точно се случи.

По инцидентот, клањавме џеназе намаз и беа закопани нови околу 130 души. Додека се читаа имињата и годината на раѓање на жртвите, си замислував, можеби некои од жртвите денес, да беа живи, ќе беа славни личности со кои ќе се гордееше цела Босна и целиот Балкан, како што се радуваме и гордееме со „нашиот“ српски тенисер Новак Џоковиќ. Но, за жал, нема одговор на моите прашања. Откако заврши молитвата, пракса кај муслиманите е оџата да праша дали им простувате на мртвите пред да ги закопаат, или поточно: ,,им халалите ли“? Сите извикаа три пати ДА. Во тој момент еден од другарите (ќе се препознае) му потекоа солзи од очите и рече ,,а што има ние да им простиме, прашањето е дали тие ќе ни простат нам“. Да, дали тие ќе ни простат на сите нас, без разлика на нашата вера и нација затоа што дозволивме да загинат невини цивили!

Околу 3 часот попладне тргнавме назад за Скопје. Само неколку души накратко споделија што видоа и како се чуствуваат, но најголемиот дел молчевме и си ги средувавме мислите, чувствата и импресиите.

Кога стасавме на српската граница, еден од граничарите се качи во автобусот и со нервозен глас праша ,,Јел има неко да ми каже нешто!?“ Сите имавме нешто да му кажеме, но, молчевме... Ги зеде пасошите и се симна. Но, друг полицаец повторно се качи во автобусот кој беше видно напнат и нервозен, почна да проверува што има во автобусот. Но, неговата потрага по нешто „сомнително“ заврши кога виде двајца дечки кои имаа брада и им се обрати: ,,Ви, шта имате у пртљагу, шта носите?“. Дечките му велат ништо, обични работи. Полицаецот им кажа да си го земат багажот и да се симнат долу. Си велам, штом брадата е критериумот за да те проверaт, јас имам најголема брада од цел автобус, сега мене ќе ме прогласат за командант на ,,терористите“. Но, доволно беа само двајца да се симнат колку сите лошо да се чувствуваме. По некое време, дечките се вратија во автобусот и тргнавме за Скопје.

Се вратив со мислите во Сребреница. Таму како да запрело времето пред 20 години. Се чуствуваа смртта, солзите, страдањата, болката... Не видов ниту една птица да пролета. Додека минувавме низ селото, се гледаа неколку парцели со гробови, но исто така и во дворовите на некои куќи имаше по 1-2 гроба. Иако помина доста време, раните сѐ уште не се излечени. Ниту може да се залечат. Собрав сила само да си кажам: „Никогаш повеќе да не се повтори Сребреница!“

Оваа вест е достапна и на: Albanian