Живеевме заедно и на почетокот сé беше во ред. Имавме мали кавги, ама се решаваа некако, најчесто јас попуштав. По некое време, почна да ме тепа, иако попуштав и правев сé што ќе ми каже.
Кога му се доаѓаше дома, тогаш си идеше, кога не - никаде го немаше. Кога ќе дојдеше, јадевме ќотек и јас и детето. Пиеше и нé тепаше! Комшии гледаа, слушаа и гајле си немаа. Собрав храброст, нешто ситно пари и една пријателка ми најде работа во друг град. И, му избегав.
Живеам меѓу непознати со мало дете, во една соба, под наем, од гаража направена... Едвај скрпувам за основните потреби, ама среќна сум што не јадам ќотек и што не стравувам за животот на детето.
Барав помош од Социјално и не ми даваат пари, зошто сум била вработена. Работам навистина, ама пријавена сум на минималец, а штом земам плата, им враќам дел на газдите. Најголем дел одат за кирија и за сметки, а за храна едвај останува. Си двојам од устата, за детето да не ми е гладно. Сепак, сами сме и гладни најчесто. Никој нема слух за нас...
Тивко страдаме секој ден.
ЦИВИЛ – Центар за слобода ја покрена новата проектна активност Една може! (Një mundet! / One can!) во чиј состав е Групата за поддршка на самохраните родители.
Најголем дел од самохраните родители се мајки, кои покрај егзистенцијалните проблеми, често се и жртви на семејно насилство, на односот на семејството и на средината кон нив, но и на мобинг на работното место и на индолентноста на институциите на локално и на државно ниво.
Објавувањето на селектираните и редактирани исповеди на самохраните мајки, кои токму од горенаведените причини сите побараа да им се заштити идентитетот, е само првиот чекор на ЦИВИЛ – Центар за слобода, за соочување на јавноста со секојдневните проблеми на самохраните мајки.