Самостојниот синдикат на новинари на Македонија (ССНМ) им нуди правна помош на новинарите-дописници, на кои медиумската компанија „Медиа Принт Македонија“ им должи исплата на хонорари од јули годинава. Синдикатот воедно ја повикува медиумската заедница да се солидаризира со дописниците, зашто проблемот е резултат на долгогодишниот третман на новинарите од МПМ.
„Потребно е препознавање на проблемот, но и солидарност од медиумската заедница и организирање на новинарите, доведени во таа позиција. Затоа што, само организирани, колективно можат да ги сменат односите, коишто се во старт неповолни за нив. Тоа значи синдикално организирање, солидарно одбивање да се потпишат неповолни договори во кои не е наведен рокот за исплата и во кои медиумот има минимум, а новинарот максимум обврски“, вели за Грин ЦИВИЛ, Тамара Чаусидис, претседателка на ССНМ.
Синдикатот ги поддржува новинарите, во заложбите да дојдат до соодветна наплата на трудот, затоа што „со години работат без било какви обезбедени технички средства, без ограничено работно време, без слободни денови и со најнизок платен труд, третирани како 'новинари од втор ред’ во македонските медиуми, кои лесно, преку ноќ, можат да бидат отпуштени без обесштетување и без каква и да е законска, но и морална обврска на медиумот за кој работеле со години“.
Десетината дописници на МПМ најавуваат радикални мерки, за да го манифестираат нивното незадоволство, зашто од јули годинава, не добиле ниту денар. Компанијата им должи од 20.000 до 100.000 денари, секому според сработеното.
„Нѐ известуваат дека компанијата е во тешка финансиска состојба. Но, ако е така, како тогаш, имаат пари за вработените, за хонорарците кои работат во скопските редакции, а немаат само за нас, десетмината, кои работиме од основање на весниците до денес. Не сме одбиле работна задача, одиме на терен, сами ги покриваме трошоците за телефон, не сме добиле никакви средства за работа од медиумите“, велат дописниците.
Грин ЦИВИЛ и денеска се обиде, но не доби одговор, од медиумската компанија МПМ, затоа што вработените, само ги пренасочуваа телефонските линии од еден на друг локал.
МПМ е компанија за која во јавноста се перцепира како блиска до власта. Промената на уредувачката политика, резултираше со пад на читаноста на трите весници „Утрински весник“, „Дневник“ и „Вест“, коишто, уште при нивното основање, во првите години на македонскиот медиумски плурализам, ги ангажираа критичките новинарски пера. Но, со смената на сопствениците и со промената на уредувачката политика, најголем дел од квалитетниот новинарски кадар доби отказни решенија, а весниците сега се борат за опстанок, бидејќи значително е редуциран бројот на читатели на розови „вистини“ и некритички текстови, коишто ги полнат страниците.
Моника Талеска
Оваа вест е достапна и на: Albanian