[Репортажа]
Гевгелија, 24-ти јули, 17 часот и 45 минути....
Низ центарот на Гевгелија, животот тече како и обично. Луѓето шетаат, работат, пијаат кафе... Само некоја улица подалеку, на Железничката станица, со колегата од ЦИВИЛ наидовме на група од над 500 мигранти и бегалци од војната, чие секојдневие е тешкото и ризично патување кон некое побезбедно и подобро место за живеење, откако избегале од крајна сиромаштија и војни.
Македонските железнички станици главно се руинирани со години наназад, но тоа играше мала улога во чувството на згаденост што нѐ опфати. Видовме како, во недостиг на тоалети, просторот помеѓу двата објекта на Железничката станица, се користи како ве-це. Луѓе кои лежат на валканите, поцрнети скали, без ништо под нив... Ги видовме премалените мигранти под жешкото македонско сонце и нашите сонародници кои им продаваат литар вода за едно евро.
Имаше дваесетина тезги на кои се продаваше вода, сокови, банани, чипс, цигари и други ситни производи кои, за жал, сѐ поретко и ние во Македонија може да си ги дозволиме. Им пријдов на продавачите на една од најголемите тезги, кои беа седнати под сенка и потпрени до ѕидот на Железничката. На мое прашање на македонски - колку чини водата, продавачот кон кого го упатив прашањето се збуни и не знаејќи што да ми одговори, погледна кон својот партнер, претпоставувам „газдата“ и чекаше одговор. Дали поради срамниот чин на профитирање од жртви на војна или затоа што мислеа дека навистина ќе купам вода, ми одговорија дека литар чини едно евро. Но, воопшто не сум убеден дека таа цена не е „растеглива“ кога се бегалците во прашање.
Потоа, друг продавач прашав колку чинат бананите, а тој изреволтиран стана од тезгата и нервозно ни одговори дека нема зошто да прашуваме и дека, ете, чинат 60 денари. Имав чувство дека не ја зборува вистината... Еден друг продавач застана да нѐ праша од кој медиум сме, за потоа да нѐ посоветува дека сме требале да дојдеме малку порано, во 16 часот, кога на станицата имало две-три илјади луѓе. И дека, кога пристигнува возот, луѓето на јуриш влегуваат и низ прозорците на возот чии стакла неретко се кршат.
Додека фотографиравме и снимавме движејќи се низ толпата, ни пријде една млада, босонога девојка, видливо загрижена... Не можевме да прочитаме што точно ѝ пишува на легитимацијата, но за миг препоставив дека е од некоја државна институција и се изненадив. Едоставно, не сум навикнат на пријателски однос од државни службеници, на пресретливост. Набрзо сфатив дека не е „државна“. Девојката нѐ предупреди дека не е дозволено да снимаме и фотографираме без посебна дозвола, што наводно сме можеле да ја добиеме од „Министерствата“ за еден ден. Во спротивно, постоел ризик полицијата да ни ги одземе апаратите и да ни ги избрише материјалите од камерата.
Колегата Џабир Дерала со индигнација кажа дека одбива и да помисли да побара противзаконска и противуставна дозвола за снимање и фотографирање на јавен простор. Девојката тогаш ни објасни дека е граѓанска активистка од Демир Капија и член на левичарското движење „Солидарност“ и дека нѐ предупредува затоа што била сведок како полицајци им прават такви и слични проблеми на други новинари. Откако ни даде контакт-информации, активистката продолжи да им помага на мигрантите кои го чекаа возот што требаше да стигне за неколку минути.
Се спуштивме кај шините и видовме како бегалците се наредени, чекајќи го возот. Меѓу нив имаше и мали деца кои седеа. Едно детенце брбореше со една девојка, повозрасна од него. Веројатно, не можеше да разбере што е тоа што всушност се случува, но беше свесно за пеколно жешкото време и за гладта која сигурно ја чувствува во неделите и месеците на пат. Сепак, на два пати се сврте кон нас за да ни се насмевне и да ни позира.
Сретнавме еден млад човек кој знаеше англиски. Во разговорот, ни кажа дека веќе втор ден чека документи за да може легално да се качи на воз. Бил сведок на тоа како во рок од четири часа, им биле издадени документи само на тројца мигранти. Според него, но и според другите соговорници, сите со поднесени барања, но сѐ уште без документи, последните два дена, само 24 мигранти добиле документи. Ни рекоа и дека полицијата дозволувала мигрантите да се качуваат на возот без разлика дали имаат документи или не... Официјално, според МВР, последниве три дена, на ниво на Македонија, 1.853 мигранти добиле потврди за искажана намера за поднесување на барање за признавање право на азил во Македонија.
Набрзо по разговорот со момчето од Сирија, ми пријде една од продавачките и ме обвини дека скришум сум ја фотографирал и ми се закани дека, ако види своја или фотогафија на тезгата на Интернет, „ќе сум видел после“. Малку подоцна ми се закани и дека таа ме фотографирала мене и дека може да ме најде, па „подобро да нема фотографија од мене, син ми или тезгата на Интернет“. Си помислив, колку ли е силна нејзината когнитивната дисонанца (нејзина, но и на нејзините сограѓани кои профитираат на туѓата мака), па мора да се заканува(ат) секому кој може да го обелодени срамниот чин. За половина час, таа ни пристапи четири пати со закани и викање.
Некоја минута пред да стигнаат двата воза, еден полицаец викаше на сиот глас и им наредуваше на луѓето да се повлечат наназад. Со пендрекот ги редеше „во строј“. Во еден момент застана, се врати неколку метри и му се развика на еден тинејџер, го опцу и се размафта со пендрекот пред неговото лице.
Откако дојдоа возовите и беше даден сигнал дека може да се качуваат патниците, настана бркотница. Сите мигранти се стрчаа кон влезовите на вагоните и се туркаа за да се качат што е можно побрзо, во страв дека нема да има место за нив и дека ќе мора да чекаат на следниот воз утредента. Во хаосот забележав исплашено мало девојче како талка сама низ станицата, не знаејќи што да прави и веројатно чекајќи некој од нејзините родители да ја земе. За момент помислив дека едноставно остана сама и дека нема кој да се грижи за неа, но набрзо дојде мајка ѝ и заедно отидоа кон влезот на еден од последните вагони каде сѐ уште имаше место.
Брзајќи, туркајќи се, најголем дел од мигрантите успеаја да се качат на возовите. Возовите заминаа, и ние тргнавме да си одиме.
Последното што го видовме беше младата, босонога активистка која се доближи до еден од вагоните и се поздрави со еден мигрантите.
Текст: Емрах Реџепи
Фотографија: Емрах Реџепи, Џабир Дерала