Ставете крај на говорот на омраза, клеветите и лагите на политичкото и криминалното подземје!

Квази-медиумите блиски до структури кои се осомничени за тежок криминал, корупција, насилство и изборни кражби, продолжуваат со своите клевети и лаги против ЦИВИЛ - Центар за слобода. Иако на судски рочишта, водени од корумпирани судии, се извинуваат за искажаните лаги, тие во јавноста продолжуваат со лагите, клеветите и говорот на омраза против ЦИВИЛ и претставниците на нашата организација.

Јавноста ги познава овие структури и добро ги знае мотивите кои стојат зад нивното неетичко, непрофесионално, па и противзаконско дејствување.

За јавноста да биде подобро информирана, уште еднаш истакнуваме дека ЦИВИЛ во рамките на својата структура, во 2009 година регистрира организациска единица под името ЦИВИЛ Медиа, во чии рамки се функционира Редакција составена од професионални новинарки и новинари, како и од соработници и граѓански новинари од целата земја. Оваа активност ја поддржуваат донатори и институции од повеќе земји од светот, но најмногу се заснова на придонесот на активни, свесни и совесни граѓанки и граѓани кои имаат доверба во нашата Редакција.

Оттаму, за нас не постои селекција на темите, туку ги покриваме сите теми, настани и процеси за кои сметаме дека се важни, на објективен и професионален начин, слободно и без цензура. Знаеме дека тоа им изгледа незамисливо на медиумите кои му служеа на довчерашниот режим, но тоа се факти кои и тие самите добро ги знаат.

Реформаторите во ВМРО-ДПМНЕ, Редакцијата на ЦИВИЛ Медиа ја препозна како важна тема, исто како и сите останати теми за кои секојдневно се објавуваат содржини на информативните веб страници. Човековите права и слободи, социјалната правда, слободата на изразувањето, слободата, демократијата и владеењето на правото, правото на слободни избори, реформите и политичките процеси во земјата се само дел од областите со кои ЦИВИЛ се занимава долги години, а ЦИВИЛ Медиа пишува за нив. Дали за тоа се објавува во квази-медиумите? Одговорот е краток, лесен и едноставен: НЕ. Наместо тоа, тие продолжуваат со својата валкана работа.

Апелираме до институциите конечно да преземат мерки и да ги испитаат очигледните врски на овие медиуми со политичкото и криминалното подземје и да ги повикаат на одговорност нивните сопственици, уредници и новинари кои се сè, само не се луѓе кои заслужуваат да бидат во оваа благородна професија. Само така ќе се сопре говорот на омраза и ќе се санираат огромните штети кои ги трпат организации, поединци, па и цели категории на граѓанки и граѓани од нивните бескрајни валкани кампањи полни со омраза, клевети и лаги.