ЦИВИЛ - Центар за слобода најостро го осудува секој вид насилство. Без оглед на тоа дали истрагата ќе утврди политичка или криминална заднина на двата напади врз кандидатите за градоначалници во Кичево и во Шуто Оризари, насилството е неприфатливо!
Иако мониторинг тимовите на ЦИВИЛ неофицијално дознаваат дека се работи за криминална пресметка во случаите на нападите врз Абази во Кичево и Бајрам во Шуто Оризари, симптоматично е што се работи за кандидати за градоначалници. Иако случајноста не е исклучена, овие зачестени напади говорат за нервоза и напнатост во општините, како и за раздвиженост на криминалните структури.
Насилството за време на избори, без оглед на мотивите, го поткопува демократскиот карактер на изборниот процес и ги доведува во прашање фундаментите на општеството и државата. Никогаш ништо добро не може да произлезе од насилството, освен трагична загуба на животи, став и хаос.
Затоа, бараме од институциите решително да се спротивстават на насилството, а престапниците да ги санкционираат соодветно на законот. Воедно, ги повикуваме граѓанските новинарки и новинари, будно да ја следат ситуацијата на теренот и за секој инцидент веднаш да испратат видео снимка до ЦИВИЛ.
Оваа вест е достапна и на: Albanian