Стотици велешани на мултимедијалниот настан на Караванот на слободата

Караванот на слободата , минатиот петок, на 5 август 2016, го одржа својот прв голем мултимедијален хепенинг во Велес.

На тричасовната концертна програма, под наслов „Музика на слободата“, се најдоа Бени и Нон Стоп, Лазар Ставров (Д' Гандис) и Ле Ман. Нивните настапи беа ретко доживување за велешката публика, која го наполни Амфитеатарот и Младинскиот парк во овој град.

IMG_0567

Настанот започна во 18:30 часот, со дебата на тема „Македонија, со или без слобода“, на која учествуваа Џабир Дерала - претседател на ЦИВИЛ, Убавка Јаневска - новинар и Игор Смилев - активист. На дебатата активно учествуваше и присутната публика, посочувајќи ги главните проблеми и сугестии поврзани со човековите права и слободи во овој крај и во земјава.

IMG_1131

Потоа, следуваа поетски читања и перформанси на поетите и уметниците Александра Спасеска, Ивана Смилевска, Љубомир Михајловски, Самоил Стојановски и Емилија Мајсторова Стојановска, како и видео проекции на стории подготвени од наградени граѓански новинари, во рамки на проектот „Граѓански објектив“.

rabotilnica

Истовремено, во текот на целиот настан, беше организирана изложба на отворено со наслов „Слобода во боја“, како и практична уметничка работилница предводена од академскиот сликар Мирослав Стојановиќ, на која заинтересираните посетители имаа можност да ги пренесат своите чувства на платно.

lazar1

На тричасовниот концерт вечерта настапија Лазар Ставров од бендот Д' Гандис, кој пред велешката публика се претстави со авторски песни, меѓу кои се најде и последниот сингл "Шарен крај“ инспириран од неодамнешната Шарена револуција.

le man

Следни на сцената, на домашен терен се качија Ле Ман, веќе добро познати на велешката публика а и во регионот, кои дополнително ја загреаја атмосферата.

beni

Концертот кулминираше со Бени и Нон Стоп, кои пред многубројната велешка публика отсвиреа повеќе свои хитови, меѓу кои и последниот сингл со наслов инспириран од еден од најпопуларните протестни слогани - „Нема правда, нема мир“.

publika

Овој настан е првиот од деветте големи мултимедијални настани на Караванот на слободата, кој го организира ЦИВИЛ - Центар за слобода во соработка со УСАИД, а кои ќе се случуваат во шест поголеми градови во Македонија и во Скопје. Истовремено, помали мултимедијални настани ќе се одржат во над дваесет општини низ земјата.

Целта на Караванот на слободата е преку влијанието на уметноста да ја разбуди граѓанската свест и граѓанското учество во процесот на донесување одлуки на локално и национално ниво.