Извештај на Работната група за превенција за струмичкиот регион, на Конференцијата на Цивил ДЕМОКРАТСКИ ПЕРСПЕКТИВИ, одржана на 1 март во Скопје
Од досегашните активности на терен во Југоистиочниот регион може да се согледа следното:
Двете најголеми политички партии се доста активни на терен уште пред да почне официјално кампањата.
ВМРО ДПМНЕ на конвенции и собири ги промовира кандидатите за градоначалници и советничките листи. Организираат средби со граѓаните од различни профили, посетуваат и се среќаваат со невладини организации, религиозни групи, инстуции. Исто така пуштаат во употреба нови објекти и патишта. Организираат трибини, држат пресови и се доста активни по социјалните мрежи.
СДСМ организира протесни митинзи, блокира крстосници и улици, организира собири и повикува на бојкот на локалните избори.
Граѓаните кои не сакаат да бидат политички активни, се во многу сложена и деликатна ситуација. За прв пат во поновата политичка историја, нивната одлука на овие локални избори ќе биде јавна, а не тајна. Јавна поради тоа што ако излезат да гласаат, ќе бидат оквалификувани како поддржувачи на ВМРО ДПМНЕ. Ако од било која причина не сакаат или не се во можност да гласаат, ќе бидат оквалификувани како поддржувачи на СДСМ.
Партиски неактивните граѓани, се се повеќе и повеќе. Луѓето во овој регион велат дека сакаат да живеат мирен живот, да си ја работат својата работа без разлика која партија е на власт или опозиција.
На оние пак кои се партиски активни, овие локални избори им се многу битни. Тие што се вработиле послените неколку години во локалната самоуправа или во образовниот процес, стравуваат дека ќе ги изгубат работните места. Од друга страна пак тие што досега беа опозиција на локално ниво, сега гледаат можност со промената на градоначалникот.