Стечаецот плаче дење-ноќе

Пензионер и долгогодишен стечаец од Прилеп, во разговор со тимот на ЦИВИЛ Медиа, ја раскажа тажната приказна на стечајците и причините за сè помасовното иселување на младите прилепчани.

„Стечаецот и дење плаче и ноќе плаче. Беше ветено дека тие што имаат 25 години стаж ќе добијат надоместок. Никој до сега го нема добиено тој надоместок“, изјави нашиот соговорник.

Новиот законот за стечајци стапи во сила во февруари 2014 година. Со овој закон беше предвидено да бидат опфатени 3.000 стечајци, кои останале без работа во периодот од 2000 година до  крајот на 2013 година. Со исполнување на условот од 25 години стаж и работа во претпријатија кои биле во сопственост на државата, беше предвиден надоместок од 7.100 денари и здравствено осигурување. Со неговото донесување беа дискриминирани стечајците кои останале без работа пред 2000 година.

Законот лани беше донесен во предизборен период. Тогаш, Лилјана Георгиевска од здружението УНИТ, за Цивил Медиа изјави: „Ние не очекуваме дека нешто ќе се промени. Но, тоа не значи дека нашата борба за нашите права ќе заврши. Секоја влада која доаѓа со намера да го поткупи стечаецот за време на избори, таа не им мисли добро“.

Со нашиот соговрник од Прилеп разговаравме и за судбината на младите кои заминуваат во странство. Тој само ја надоврза приказната од Кавадарци, Велес и Битола за иселувањето на младите. Неговата ќерка, како и многу други млади, извадила бугарски пасош и  побарала излез надвор од земјата. Неможноста да се преживее со 3.000 денари социјална помош, ја принуди да се исели во странство.

„Криво ми е и тешко ми е, што ќерката и зетот заминаа за Германија. Додека беа тука им помагав колку што можев. Меѓутоа, со 3.000 денари социјална помош, дали сметка да се плати, дали да се јаде или како млади да излезат во некое кафуле“, вели тој.

Според последните податоци на Заводот за државна статистика, 51.7 % од младите во Македонија се невработени.

Оваа вест е достапна и на: Albanian