Студентите се изборија за присуство на изборот на нов ректор на УКИМ

Група студенти од повеќе младински организации и од Студентскиот пленум, се изборија за своето барање, четворица студенти да присуствуваат на седницата на Сенатот, на која треба да биде избран новиот ректор на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”.

Откако, студентката  Деа Здравковска посочи дека првото нивно барање -  поголем број на студенти да присуствуваат на седницата - било категорично одбиено, и им било дозволено само еден студент да биде присутен, студентите беа категорични дека ништо помалку од четири студенти не е доволно и нема да дозволат да се одржи денешната седница.

Како одговор, актуелниот ректор професорот д-р Велимир Стојковски, кому му истече вториот мандат, истакна дека “на блокадата се присутни луѓе кои не успеале да се реализираат во животот” и дека попаметниот попушта, па им дозволил на четворицата студенти да присуствуваат на седницата.

Од Пленумот, присуствуваат студентите Деа Здравковска, Стефан Дојчиновски, Горан Таневски и Александра Живковиќ. Претходно утрово, студентите го блокираа влезот на Ректоратот на УКИМ, со цел да го спречат изборот на нов ректор. Тие велат дека со 10-те студентски гласа, денешниот избор на нов ректор ќе биде нелигитимен, бидејќи студентските претставници во Сенатот се со истечени мандати. Ова тврдење на студентите го поддржа и Професорскиот пленум.

13553235_1275928152435365_1879653004_n

Во потесен круг за ректор се универзитетските професори Никола Јанкуловски и Ненад Новковски.

М. Теговска

Оваа вест е достапна и на: Albanian