Судот повторно го одложи случајот „Пуч“, Груевски не се појави!

Судот повторно го одложи рочиштето за случајот „Пуч“, во кој се обвинети лидерот на СДСМ, Зоран Заев, поранешниот прв човек на Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање, Зоран Верушевски, неговата сопруга Соња Верушевска, службеникот во Општина Струмица, Бранко Палифров и вработениот во МВР, Ѓорѓи Лазаревски, поради тоа што две судијки немале безбедносни сертификати. Судијката Љубинка Башевска рече дека и покрај интервенцијата на Судот и поднесеното барање, судијските-поротничките сé уште не ги добиле сертификатите. Таа судењето го одложи на неопределено време, односно, додека не бидат обезбедени сертификатите

dsc_0031-1-470x246

Специјалната Јавна обвинителка, Катица Јанева, реагираше на одложувањето и ја обвини судијката за злоупотреба на службена должност, бидејќи неоправдано година и половина се одложува рочиштето. Јанева обвини и за манипулација, и неколку пати ја праша судијката како не и е срам, бидејќи, како што рече, „не може да си игра со животот на обвинетите“.

Заев по судењето рече дека уште еднаш се покажало оти судството е на колена. „Денеска претседателот на Судскиот совет и Судскиот совет покажаа дека немаат намера да водат правен процес, туку водат политички процес“, рече Заев.

Адвокатот Филип Медарски праша зошто сведокот на СЈО, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, не дошол на рочиштето, но не доби одговор од судијката.

По одложување на рочиштето, со објаснување се јавија и од Основниот суд Скопје 1, кои истакнуваат дека судењето за „Пуч“ досега било одложувано поради вина на Специјалното Јавно обвинителство.

„Со цел да не дојде до одредени манипулации, ja потсетуваме јавноста дека по конкретниот предмет беа одржани 10 главни расправи, од кои 6 беа одложени бидејќи обвинетите постојано беа на службени патувања, потоа 3 расправи беа одложени по барање на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО), од кои една расправа заради приватна прослава на обвинителката Јанева, а само минатата расправа беше одложена заради болест на еден од судиите – поротници, нешто што не може да се предвиди. Оттаму, нејасно е како судот го одолговлекува предметот повеќе од една година, како што обвинуваат странките“, се наведува во соопштението на Кривичниот суд.

Според Заев, македонско судство мора да доживее промени. „На 11-ти декември, овој срам за Македонија конечно завршува“, пореча лидерот на СДСМ.

 

Д.М.