Основното јавно обвинителство, има нови докази против членовите на Левица, Здравко Савески и Владимир Куновски, против кои се води кривична постапка. Според, обвинителката Снежана Бундалеска, се работи за имотен лист, според кој, локацијата каде се наоѓа Народната канцеларија на претседателот, која на 13-ти април беше искршена, како дел од протестот за незадоволство од одлуката претседателот да аболицира 56 лица, е во сопственост на Република Македонија. Како нов доказ е и одлуката на Владата за привремено користење на просторот за оваа намена.
Одбраната на Савески и Куновски побара рочиштето да се одложи за септември, за да ги разгледа доказите. Според доказите со кои располага одбраната, целата документација која тие ја подгнале од Катастарот, укажува на повеќе сопственици (физички и правни лица) на таа парцела. Поради тоа, како што побара одбраната, документацијата повторно ќе треба да се преиспита.
На барање на одбраната, Судот се согласи да им ја укине мерката на претпазливост, односно, на обвинетите да им бидат вратени патните исправи и одлучи тие да се јавуваат во судот на секои две недели. Главното судење е презакажано за 13-ти септември.
Савески и Куновски се обвинети за учество во толпа која извршила кривично дело - демолирање на канцеларијата на Иванов. Тие 45 дена поминаа во куќен притвор. Одлуката за укинување на притворот пристигна со задоцнување од четири дена.
Членовите на Левица, и по укинувањето на куќниот притвор на Савески и Куновски, продолжуваат да бидат под притисоци и закани. Последниот таков случај е нападот врз членка на партијата од Битола.
ЦМ