Локален функционер на ВМРО ДПМНЕ и вработен во администрацијата на една општина, утрото на 27 април 2014 година, делел пари за поткуп на жителите на едно село во таа општина, за да гласаат за владејачката партија. Дел од поткупените гласачи требало да поткупуваат и други гласачи.
Ова го тврди еден граѓанин чиј идентитет, како и идентитетот на функционерот за кој тој сведочи, засега ги заштитуваме, со намера да го заштитиме и нашиот извор од понатамошни притисоци и политичката дискриминација на која е подложен веќе долго време.
Нашиот извор вели дека има доверба во Специјалното Јавно Обвинителство и е подготвен да сведочи и да ја открие, како што вели вистината, за тоа што се случувало во селото на денот на изборите во 2014 година.
Овој земјоделец-млекопроизводител тврди дека бил очевидец на чинот на делење изборен поткуп. Во својата изјава, тој тврди дека го набљудувал движењето на човекот, истакнат член на владејачката партија од овој рурален регион, кој дошол со автомобил во селото, а потоа одел од куќа до куќа, делел пари за да привлече што повеќе гласачи.
Освен овој земјоделец, кој одлучи и јавно да говори, случајот го потврдија и други жители во руралната општина.
ЦИВИЛ Медиа се обиде лично да го контактира овој член на ВМРО ДПМНЕ, вработен во општинската администрација, за кого категорично се тврди дека делел поткуп на денот на изборите. Но, тој не одговори ниту на телефонските повици, ниту на пораките испратени на неговиот мобилен телефон, ниту на фејсбук профилот, а во кои експлицитно објаснивме, за што точно го бараме. Тој не одговори на ниедна порака.
Наспроти сведочењето на нашиот извор за полициски притисоци кои следеле, по конфликтот со функционерот на ВМРО-ДПМНЕ, од СВР Битола нѐ информираат дека на денот на изборите на 27 април 2014-та нема пријавено никаков проблем и дека полицијата не интервенирала во каков било случај на таа локација.
„Дојде полиција и го бараа низ селото, според тоа што го видовме беа спремни да го приведат, ни виновен, ни должен. И ова не е единствен случај на притисок, проблеми и закани за изборите. И точно е дека на денот на изборите, Н.Н. делеше пари за да придобие гласачи. Ние и досега бевме изложени на секакви притисоци“, изјави друг жител на селото.
Се обративме и во подрачното Министерство за земјоделство, со цел да добиеме одговор, зошто овој млекопроизводител не ја добил субвенцијата, како и останатите млекари.
„Нема поднесено никакви документи досега. Но, нека да дојде да видиме каде има проблем“, изјавија надлежните од подрачната единица на ресорното министерство.
А, кога млекарот отиде да ги однесе и броевите кои се потврда за доставата на документите за субвенција за последните две години, вработени во подрачната единица, како што рече, си поигрувале со него.
„Ми рекоа `раководителот излезе на терен со новинарката`, а кога му реков дека јас со Вас разговарав до тогаш, рекоа: `е, па тогаш ако не е со неа, во фиока е`. Ме исмеаја и си заминав. Ама ова не е прв пат. Знам дека парите нема да ми ги дадат, зашто сум член на СДСМ и затоа што го видов, тој, нивниот член на ВМРО ДПМНЕ, дека делеше пари за изборите“, изјави нашиот извор кому државата му должи, според негови проценки, околу 2.500 евра.
И тој и други негови соселани се надеваат и очекуваат правдата да победи и да се сопре `теророт`, како што велат, што им го врши власта.
Текст и камера: Моника Талеска
Оваа вест е достапна и на: English